Нови руски напади врз енергетската инфраструктура во Украина оставија стотици илјади без електрична енергија во Днепропетровската и Харковската област во текот на ноќта меѓу 7 и 8 ноември. Прекините ги погодија и јавните услуги, додека енергетските екипи се обидуваат да го обноват снабдувањето под закана од повторни удари.
Енергетската компанија ДТЕК соопшти дека повеќе од 600.000 жители на Днепропетровската област останале без струја по оштетувањето важни енергетски објекти. Од компанијата наведуваат дека поправките ги отежнуваат повторените напади.
Во Харковската област, според градоначалникот на Златопил, Микола Бакшејев, руски дрон погодил објект од критичната инфраструктура, по што речиси 250.000 потрошувачи останале без напојување. Поправките се во тек, но точниот рок за повторно воспоставување на снабдувањето не бил познат.
Последиците се чувствуваат и во здравството и во градскиот превоз. Регионалниот воен управител Олександр Ханжа соопштил дека болници во Днепропетровската област преминале на дизел-генератори, а јавниот превоз на електричен погон во Днипро запрел, пренесува Радио Слободна Европа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди на распространети прекини во снабдувањето со струја. Според него, само во Житомирската област 140 станбени згради останале без греење по руски напад, во период кога температурите веќе се движат околу нулата.
Новите удари следуваат по масовниот напад од претходната ноќ, за кој украинското Министерство за енергетика соопшти дека предизвикал прекини во пет области и сериозно го отежнал преносот на електрична енергија во Киев.
Украинската армија соопшти дека во последниот ноќен напад биле употребени три наведувани ракети и 164 беспилотни летала, од кои 137 биле пресретнати. Руското Министерство за одбрана, пак, тврди дека погодило трафостаница што снабдувала претпријатија од украинската одбранбена индустрија. Овие воени тврдења не се независно потврдени.

