Вредноста на доларот минатата недела значително опадна во однос на еврото, при што курсот на еврото скокна за повеќе од 4%, што претставува негов најголем неделен раст од 2009 година.
Индексот на доларот, кој ја мери неговата вредност во однос на шест водечки валути, падна за 3,4% на 103,90 поени – најниско ниво од ноември. Во однос на јапонскиот јен, доларот исто така загуби 1,7%, па курсот се спушти на 148,04 јени.
Најголемиот неделен пад на доларот од 2022 година е резултат на сигналите за забавување на американската економија и неизвесноста околу трговската политика на претседателот Доналд Трамп.
Трамп воведе 25% царини за увозот од Канада и Мексико, како и дополнителни 10% за кинеските производи, што ги натера Канада и Кина веднаш да одговорат со контрамерки. Сепак, само ден подоцна, Трамп привремено ги одложи царините за автомобили и други производи од Северноамериканскиот договор за слободна трговија.
Овие неочекувани потези создадоа неизвесност кај инвеститорите, што придонесе за слабеење на доларот.
И покрај очекувањата на инвеститорите дека Федералните резерви наскоро ќе продолжат со намалување на каматните стапки, претседателот на ФЕД, Џером Пауел, истакна дека банката нема да брза со олабавување на монетарната политика.
Минатата недела Европската централна банка ги намали каматните стапки за дополнителни 0,25 процентни поени, што обично би ја ослабело валутата. Сепак, еврото зајакна поради вестите дека новата влада во Германија планира фискални олеснувања за поттикнување на економскиот раст и зголемување на инвестициите во одбраната.
Дополнително, пазарите очекуваат дека ЕЦБ е блиску до крајот на циклусот на намалување на каматните стапки, додека ФЕД би можел да продолжи со олабавување на монетарната политика.