„Го познавам добро (Румен Радев). Тој ќе биде успешен премиер, исто како што беше успешен претседател. Но, тој може автентично да одговори и да каже што можеме да направиме во иднина. Тој има легитимитет. Беше тешко да се преговара со претходните нестабилни влади“, рече денеска во одговор на новинарско прашање претседателката Гордана Силјановска-Давкова на армискиот полигон „Криволак“ каде што беше реализиран Денот за високи гости на вежбата „БЛЕСОК 26“.
Силјановска-Давкова рече дека двајцата разговарале по гласањето на парламентарните избори Бугарија на кои Румен Радев победи и обезбеди стабилно мнозинство во парламентот.
Во врска со иднината на евроинтеграциите на Северна Македонија, претседателката Гордана Силјановска-Давкова, ја повика Европската Унија да ги почитува европските правила на ист начин како што НАТО ги почитува стандардите,.
„Мојата порака е следнава: она што НАТО го прави со стандардите, Европската Унија треба да го прави со Копенхашките критериуми. Ако бидеме оценети според спроведувањето на Копенхашките критериуми, мислам дека ќе добиеме различни оценки. Ако не се исполнат високи стандарди, ако се воведат нови двојни стандарди и ако спроведувањето не се оценува според самите стандарди, туку според барањата и потребите на соседите, тогаш имаме сериозен проблем со усогласеноста. Не е лошо стандардите да важат во сите можни институции, вклучително и во Европската Унија“, рече Силјановска-Давкова.