Две едночасовни паузи, довикувања и прекин поради тензии. Така помина денешната 130. собраниска седница, на која опозицијата требаше да поставува прашања до Владата. Ниту еден опозициски пратеник не стигна да постави прашање. По прекинот, на ред дојде продолжението на 129. седница, на чиј дневен ред се измените на Законот за јавни набавки.
Првата пауза ја побара координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, за собранискиот претседател Африм Гаши да обезбеди присуство на министрите. Премиерот Христијан Мицкоски не се појави во салата а министрите што дошле си заминале и не се вратиле по паузата.
Кога седницата продолжи, пратеникот од ЗНАМ Даниел Стојчевски побара уште еден час пауза. Тој тврдеше дека во салата имало претставници на Владата и ја обвини опозицијата дека сама го попречува поставувањето прашања.
Спор околу двата часа за пратенички прашања
Гаши ги пресмета паузите во двата часа предвидени за опозициски прашања. Оливер Спасовски од СДСМ побара да посочи по кој член од Деловникот истекло времето кога сè уште немало ниту едно прашање. Димитар Апасиев од Левица го обвини спикерот дека со ваквото толкување ја саботирал седницата.
По довикувањата и навредите во салата, Гаши повторно ја прекина седницата и ги повика координаторите на пратеничките групи на состанок.
Измените за јавни набавки повторно на дневен ред
Предлог-законот се врати во Собранието откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот за негово прогласување. Таа ја оспори одредбата за повторно именување на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, бидејќи во неа немаше јасно ограничување на бројот на мандати.
Пратениците на 10 ноември усвоија амандман за бришење на спорниот член 13. За измените беа поднесени вкупно 2.158 амандмани. СДСМ побара повлекување на предлогот и јавна расправа, со образложение дека и други одредби носат ризик од злоупотреби. Меѓу предложените измени е зголемувањето на прагот за набавки на работи во класичниот јавен сектор од 5.000 на 10.000 евра.

