Прегратка стара 4.300 години: Археолози открија жена со новороденче во рацете

фото: Institute of Archaeological Heritage Care of Central Bohemia (ÚAPPSČ)

Археолози во Чешка откриле гробница стара околу 4.300 години, во која биле погребани жена и новороденче. Нивните лица биле свртени едно кон друго, а положбата на телата отвора можност зад ова необично откритие да се крие трагична приказна за мајка и дете кои починале при породување.

Гробницата е пронајдена во близина на градот Брандис над Лабем, недалеку од Прага, за време на археолошки истражувања на трасата на идна обиколница. Според првичните проценки, погребувањето потекнува од околу 2300 година пред нашата ера и припаѓа на раната фаза на Уњетичката култура од бронзеното време.

Жената, за која се проценува дека имала околу 30 години, била положена на десната страна, со свиткани нозе, држејќи го новороденчето во рацете.

„Најверојатно станува збор за погреб на мајка и дете кои починале при породување или кратко потоа“, соопштил Институтот за археолошко наследство на Централна Чешка.

Покрај нивните останки биле пронајдени и два керамички сада, поставени во близина на главата на жената. Останките ги извадил ги извадил антропологот Павел Кубалек и ја документирал гробницата, а дополнителните анализи треба да дадат повеќе информации за околностите на смртта.

Истражувањата, кои траеле од јануари до септември годинава, откриле и други траги од минатото. На истата локација археолозите пронашле остатоци од германска населба од првиот до третиот век од нашата ера, предмети изработени од животински рогови, стаклени мониста и железни артефакти.

Наодите сега се предмет на дополнителна научна обработка, која би можела да открие повеќе за животот и погребните обичаи на заедниците што го населувале овој простор.

Но, меѓу сите откриени предмети и траги од различни историски периоди, токму гробницата на жената и новороденчето останува највпечатливото сведоштво за човечката страна на далечното минато. И по 4.300 години, нивната блискост е зачувана во земјата.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?