Милион дрвја среде пустина, Ријад гради парк петпати поголем од Централ парк

На местото каде што некогаш слетувале авиони, во Ријад денес се копаат долини и се одгледуваат дрвја. На просторот на поранешниот аеродром се гради паркот „Крал Салман“, еден од најголемите градски паркови во светот. Проектот зафаќа околу 17 квадратни километри, речиси петпати колку њујоршкиот Централ парк. Од вкупната површина, околу 11 квадратни километри се предвидени за зеленило.

Планот е таму да растат околу 1,1 милион дрвја. Во град каде што температурите често надминуваат 45 степени, дрвјата треба да обезбедат сенка и да го намалат загревањето на патеките и јавните простори. За повеќето дрвја се изградени два расадника на самата локација, а околу 100.000 возрасни дрвја се донесени од други места за делови од паркот порано да добијат сенка.

Долини за дождовницата, тунели за сообраќајот

За да го преобликуваат рамниот аеродромски терен, инженерите преместиле околу 54 милиони кубни метри земја, според податоците што проектантите ги споделиле со The B1M. На некои места оформиле ридови, а на други ископале долини длабоки и до 30 метри.

Долините се моделирани по сувите речни корита што во овој дел од светот се полнат при обилни дождови. Во паркот тие се протегаат на околу 4,5 километри и ќе собираат дождовница и ќе насочуваат пречистена вода. Дел од главните сообраќајници се пренасочени низ тунели, со што патеките и зелените површини над нив остануваат поврзани.

Театар и музеј меѓу дрвјата

Во паркот се гради и културен комплекс со национален театар, кина, библиотека и Музеј на светските култури. Планот предвидува и пешачки и велосипедски патеки, а до паркот ќе може да се стигне преку пет метро-станици.

Фондацијата што го води проектот се подготвува за отворање во фази. Во септември, нејзиниот директор Дејл Чедвик изјави дека системите за наводнување во првите две фази се веќе поставени и дека делови од паркот се блиску до отворање.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?