Полициските возила во Македонија ќе добијат камери за мерење брзина во движење, а на критичните патни правци ќе се поставуваат мобилни радари. Системот „Безбеден град“ се проширува на целата територија на државата најдоцна до февруари, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Министерството за внатрешни работи го проширува проектот „Безбеден град“ надвор од фиксните сообраќајни пунктови. Покрај стационарните камери, во сообраќајната контрола ќе се користат мобилни камери за брзина и современи уреди вградени во полициските возила кои регистрираат прекршоци при самото движење.
Анализите на МВР утврдиле дека фиксните камери немаат целосен превентивен ефект врз возачите. Наместо забавување само на познати локации, целта на новата опрема е контролата да биде постојана и непредвидлива на секој патен правец.
Според планот изработен во соработка со експерти, мобилните радари приоритетно ќе се поставуваат на таканаречените црни точки. Овие уреди ќе бидат распоредени на магистралните, експресните и градските патишта каде што статистиката бележи најголем број сообраќајни несреќи со загинати и тешко повредени лица.
Проектот во првата недела од декември официјално почнува да функционира на територијата на СВР Струмица. До крајот на годинава системот ќе биде воспоставен и во СВР Штип, по што за околу месец и половина ќе се опреми и подрачјето на СВР Битола. Според очекувањата на МВР, комплетната мрежа треба да ја покрие цела Македонија до февруари.
Одговарајќи на јавните реакции за проширувањето на надзорот, Тошковски посочи дека во изминатите 15 години на патиштата во државата загинале повеќе од 2.000 луѓе. Техничкиот надзор, според него, е само еден сегмент од сеопфатните мерки за заштита на животите во сообраќајот.

