ЈП „Лајка“ со 75% повеќе заловени кучиња во 2026 година

Фото: ЈП Лајка

Во првите десет месеци од годинава претпријатието реализираше вкупно 1.285 заловувања, спроведе 1.084 ветеринарни третмани и вдоми 310 кучиња. Во споредба со истиот период во 2025 година, тоа претставува пораст од 52 отсто кај заловувањата, 50 отсто кај ветеринарните третмани и осум отсто кај вдомувањата, односно заловени се 440 кучиња повеќе, а третирани 362 повеќе.

Најизразен раст на теренските активности е евидентиран од април до октомври. Во овие седум месеци се заловени 1.014 кучиња наспроти 580 во истиот период лани, додека ветеринарен третман добиле 852 кучиња во споредба со минатогодишните 483. Зголемениот обем на работа е постигнат со постојниот број вработени и без проширување на капацитетите на стационарот.

Зголемувањето на бројките следи по воведувањето на стратешко реонско заловување по скопските општини. Покрај секојдневните интервенции по пријави на граѓани, екипите спроведуваат планско третирање на цели населби каде што има зголемена концентрација на бездомни животни.

Секое заловено куче поминува низ задолжителна програма за хуман третман. Таа опфаќа стерилизација или кастрација, вакцинација против беснило, тестирање за лајшманиоза, чипирање и третман против внатрешни и надворешни паразити.

Од претпријатието укажуваат дека долгорочното решавање на проблемот со бездомните кучиња зависи од одговорноста на сопствениците на миленици. Упатен е апел за задолжително микрочипирање и регистрација на кучињата, контрола на размножувањето и спречување на нивното напуштање на јавни површини.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?