Коалиција од синдикати и младински организации повика на сенационален ден на штрајкови и демонстрации денеска откако владините остапки не вродија со плод. Ова е најновата ескалација во спорот во кој беа забележани спорадични насилства во училиштата низ целата земја.
Пред две недели, владата на премиерот Себастијан Лекорну се обиде да ја смири ситуацијата. Владата вети реформа на „Паркурсип“ (Parcoursup), националната онлајн платформа во Франција за распределба на универзитетските места, почнувајќи од 2027 година, и нејзина целосна замена во 2028 година. Исто така, вети повеќе пари за училишните згради и дополнителни ресурси за економски најранливите училишта.
Демонстрантите не беа уверени. Односите дополнително се влошија на состанокот за реформата на „Паркурсип“ во кабинетот на премиерот во Париз. Повеќето средношколски и студентски групи, заедно со синдикатите во образованието, ги напуштија разговорите во знак на протест поради присуството на претставници на крајната десница и бизнис-секторот.
„Ги повикуваме сите што ги поддржуваат легитимните барања на младите луѓе, но и оние на работниците, да излезат на улиците“, рече Елоиз Лефевр-Милон, ко-лидерка на студентскиот синдикат „Унион етудјант“ (Union étudiante), по напуштањето на разговорите.
Коалицијата вклучува некои од најголемите синдикати во Франција, како што се ЦГТ (CGT) и ФО (FO), заедно со ученичките и студентските организации. Во заедничко соопштение се наведува дека сега е време „да се засили мобилизацијата со продолжување на притисокот врз владата“.
Лидерите на средношколците велат дека немаат намера да отстапат. „Односот на силите е во наша корист, мораме да продолжиме понатаму“, рече Ријад Рани, претседател на средношколскиот синдикат „Унион синдикал лисеен“ (Union syndicale lycéenne).
„Мораме да останеме мобилизирани. Не се бориме само за себе. Се бориме и за наставниците, за нивните услови за работа“, рече Рани.

