Зошто „цврстите“ момчиња и „послушните“ девојчиња не се здрав модел за никого?

Фото: Image by magnific

„Не плачи, не си девојче.“ „Не се лути, не е убаво за девојче.“ „Не се однесувај како машкуданка.“ Сигурно си ги слушнал/а на семеен ручек, од роднина што „се шегува“, од наставник или од другар и веројатно не си помислил/а дека е нешто посебно.

Токму тоа е проблемот. Овие реченици се мали и звучат безопасно, но со текот на време нѐ учат кои чувства смееме да ги покажеме и каков/каква „треба“ да бидеме. Според истражувањето за родовите (не)еднаквости кај младите во Северна Македонија, стереотипите најмногу се учат во семејството, па потоа на социјалните мрежи и во образовните институции. Секој трет млад човек лично го искусил стереотипното однесување и неговите негативни ефекти.

Бројките покажуваат колку е длабоко вкоренето тоа. Околу еден од четворица млади мажи смета дека готвењето и чистењето се работа на жените, а околу 60 проценти млади сметаат дека жените се „предодредени“ за грижа за децата. Околу 25 проценти веруваат дека мажот што поминува време со семејството е помалку маж. Токму затоа сеопфатното сексуално образование започнува со прашањето кој ни кажува какви „треба“ да бидеме.

Последиците не остануваат на ручекот. На момчињата им се одзема правото да покажат ранливост, па тагата и стравот ги пакуваат во молк или лутина. На девојчињата им се одзема правото да бидат гласни, па учат дека кажувањето „не“ е грубост и дека лутината е „непристојна“.

Марта Стевковска, активистка за родова еднаквост и специјалистка за комуникации во „Мрежа Стела“, вели:

„Кога децата растат со стереотипи и предрасуди за тоа дека момчињата треба да бидат силни, да не плачат и да не изразуваат чувства и емоции, а девојчињата дека треба да се нежни и послушни се создаваат потенцијални проблеми за тоа како тие утре ќе се однесуваат и колкав притисок ќе чувствуваат на училиште, со свои врсници, понатаму на факултет или на работно место, но и во релации со други луѓе околу нив. Тоа може да придонесе да избегнуваат одредено хоби на пример зашто е многу „женско“ или зашто „само машките го прават тоа“ и да бидат засрамени. Исто така може да не сакаат да побараат помош кога ќе се појави проблем од страв да не бидат исмејувани или осудувани.“

„Дополнително неможноста да се изразат емоциите кај момчињата може донесе до нивно потиснување кое потоа се рефлектира врз тоа како тие се однесуваат во социјални релации кога ќе станат возрасни. Кај девојчињата пак, се појавува дискриминација и осудување дека не се доволно женствени и може да допринесе никогаш да не се задоволни од тоа што го постигнуваат, да мислат дека не се доволни добри“, додава Стевковска.

Токму затоа, Меѓународните технички насоки за сексуално образование на УНЕСКО го препознаваат разбирањето на родот како една од клучните теми. Родовите улоги и очекувања не се природно зададени, туку се обликуваат под влијание на општеството и културата, а со тоа можат и да се преиспитуваат и менуваат. Сеопфатното сексуално образование им помага на младите да ги препознаваат родовите стереотипи, критички да ги преиспитуваат и да разберат дека она што општеството го смета за „нормално“ или „отсекогаш така било“ не мора да биде ниту праведно, ниту непроменливо.

Зошто е тоа важно? Затоа што стереотипите не остануваат само збор. Според истражување објавено во American Journal of Men’s Health, притисокот момчето и мажот секогаш да бидат храбри и силни се поврзува со ризични однесувања и полоши здравствени исходи, како прекумерно пиење, пребрзо возење и избегнување лекар. Податоците од ESPAD 2024 го потврдуваат тоа кај младите: 34,7 проценти од момчињата на 15 до 16 години за првпат пиеле алкохол на 13 години или помлади, наспроти 22,5 проценти од девојчињата.

Кај девојчињата притисокот е поинаков. Според HBSC студијата, депресивно расположение има 53 проценти од 15-годишните девојчиња, наспроти 19 проценти од момчињата. Овие бројки не покажуваат дека стереотипите се единствената причина, но покажуваат дека очекувањата за тоа какви „треба“ да бидеме не се безопасни за ниту еден пол.

Според Стевковска, тоа треба да почне многу порано. „Уште од најрана возраст, уште од градинка би рекла треба да се гради една прифатлива средина за сите деца, да се учат на вредности како емпатија и солидарност, на почитување на сопствените и туѓите граници, да се учи за согласност и за различност. Токму сето ова се учи во сеопфатното сексуално образование што одредени движења во нашето општество го демонизираат и го извртуваат суштински, неразбирајќи дека со тоа всушност само им штетат на децата, а не ги заштитуваат“ вели Стевковска.

„Со оглед на стапките на насилство низ нашите училишта и општо во нашето општество искрено сметам дека одамна веќе требаше да биде имплементиран ССО и тоа не како изборен туку како задолжителен предмет“, додава таа.

Момчињата можат да плачат. Девојчињата можат да се лутат. И никој од нив не мора да биде „доволно нешто“ за да биде прифатен.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?