Министерството за правда ги испрати на мислење до Европската комисија нацртот на новиот Кривичен законик и нацрт-законот за кривичната постапка. На прашањето на Телма дали се предвидени построги казни за злоупотреба на службената положба, од Правда одговориле дека во оваа фаза нема да коментираат поединечни членови. Министерството најави објавување на нацртот на ЕНЕР.
Во нацртот се предвидува посебно кривично дело за злоупотреби при јавните набавки, кое би ги опфатило и концесиите и договорите за јавно-приватно партнерство. Тоа на стручна расправа на крајот на октомври го најави професорката Александра Деановска Трендафилова, членка на работната група што го подготвува законикот.
Што сменија измените од 2023 и 2026 година
Со измените од септември 2023 година Собранието ги намали казните за дел од облиците на злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување. Беше отстранета и посебната одредба за злоупотреби при јавни набавки. Пониските казни ги скратија роковите за застарување кај дел од кривичните дела.
Во јануари 2026 година Собранието повторно воведе посебна одредба за јавните набавки во членот 353. Таа опфаќа две дејствија. Првото е набавка без постапка кога законот ја бара, а второто е незаконска измена на договор или рамковна спогодба над утврдениот вредносен праг. За тие дејствија е предвиден затвор од една до осум години, а ако е прибавена имотна корист или е причинета штета од големи размери, од четири до десет години.
Во извештајот од 4 ноември, Европската комисија оцени дека јануарските измени оставиле правна несигурност и дека одредбата за јавните набавки е претесна за да опфати други сериозни манипулации во тендерските постапки. Според Комисијата, предметите за висока корупција и натаму се одолговлекуваат и често застаруваат.
Што предвидува нацртот за кривичната постапка
Двата текста се дел од Реформската агенда. Според Министерството, во нацртот на Кривичниот законик се вградени 33 директиви на ЕУ. Со нацрт-законот за кривичната постапка се предлагаат промени во финансиските истраги, конфискацијата, користењето електронски докази и заштитата на жртвите. Предвидена е и можност за одржување рочишта и изведување докази на далечина

