Вода во собите на „Стив Наумов“. Кој треба да ги санира штетите, прашува Зајкова

ЛДП

Помалку од еден месец по отворањето на реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, студентите пријавија дека вода им влегува во собите. Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, во „Аргумент плус“ на Телевизија 24 праша кој ќе одговара за квалитетот на изведбата. Делегацијата на Европската Унија, чии претставници го посетија домот, соопшти дека објектите се под гаранција и дека изведувачите треба да ги отстранат утврдените градежни и технички недостатоци.

Зајкова се наврати на посетата на студентски дом во претходниот пратенички мандат, пред да почне реконструкцијата со поддршка од Германската развојна банка. Таа раскажа дека канализацијата се излеала во зграда што веќе била реновирана. Праша дали тогаш некој понел одговорност за изведбата и дали овојпат ќе се утврди кој е одговорен за пропустите

Реновираните објекти на „Стив Наумов“ беа пуштени во употреба на 30 септември, со финансиска поддршка од ЕУ, Владата и Германската развојна банка. На 22 октомври студенти за Телма рекоа дека го пријавиле протекувањето кај службите на домот, но водата навлегла во собите пред да дојде мајстор. На 29 октомври, платформата „Студентарија“ објави снимки на кои се гледаат вода што тече од таван и поплавена соба.

Директорот на Државниот студентски дом, Александар Каровски, во октомври изјави дека гарантниот рок е 18 месеци. Според процедурата што ја опиша, управата на домот ги пријавува проблемите до проектната единица во Министерството за образование и наука, која потоа го известува изведувачот задолжен за санација. МОН тогаш соопшти дека изведувачот ги санира техничките проблеми, а дел од инцидентите ги припиша на неодговорно користење на просториите.

Делегацијата на ЕУ на 12 ноември порача дека поплаките на студентите треба сериозно да се разгледаат и да се проверат. Во соопштението не наведе кои од пријавените проблеми ги утврдила при посетата, ниту кога се очекува нивно отстранување.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?