Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека сè уште е нејасно дали неодамнешните разговори со Русија го доближија крајот на војната во Украина, откако американските претставници разговараа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Сепак, тој категорично ја отфрли можноста на Москва да ѝ се даде глас во донесувањето одлуки во Алијансата.
Руте потсети дека пред целосната инвазија на Русија во Украина во 2022 година, Алијансата цврсто ги отфрли „неприфатливите“ барања на Москва за повлекување на НАТО од Источна Европа и одбивање да прифати нови членови.
„Ова отсекогаш била конзистентна позиција на Алијансата“, нагласи тој.
„Многу е тешко да се каже. Она што го знам е дека сите вклучени страни, а пред сè Стив Виткоф и Џаред Кушнер, но и Европејците и Украина, работат ден по ден за да ја завршат оваа војна“, рече Руте во интервју за АФП за време на состанокот на европските лидери во Даблин.
Генералниот секретар на НАТО постојано одбиваше да коментира за содржината на разговорите, нагласувајќи само дека САД, Европа и Украина се „на иста страна“.
Во исто време, тој се спротивстави на идејата на Русија да ѝ се даде можност да влијае на одлуките на НАТО откако Вашингтон и Москва објавија дека се дискутира за преглед на европските безбедносни аранжмани како дел од разговорите.
„Ова не е предмет на дискусија“, категоричен беше генералниот секретар.
Сепак, генералниот секретар истакна дека не е невообичаено да се водат разговори со Русија за пошироки безбедносни прашања, потсетувајќи на преговорите со Советскиот Сојуз за време на Студената војна.
„Но, што точно ќе вклучат, сето тоа е моментално предмет на дискусија“, објасни Руте.
„Повторно е многу важно за мене Европејците, Украина и САД да постигнат договор за тоа што е прифатливо, а што не“, нагласи генералниот секретар на НАТО.
Потсетуваме дека за време на разговорите за Украина во Абу Даби, Русија го покрена прашањето за враќање на предлозите на претседателот Владимир Путин од декември 2021 година за сеопфатно реструктуирање на европската безбедносна архитектура. Потоа Москва инсистираше на прекин на проширувањето на НАТО, ограничување на военото присуство на Алијансата на нивоата од 1997 година и прекин на воената соработка со поранешните советски републики надвор од НАТО, вклучувајќи ја и Украина.
Од 1997 година, 16 земји се приклучија на НАТО. Во 1999 година, Полска, Чешка и Унгарија станаа членки на Алијансата, а во 2004 година – Бугарија, Романија, Словачка, Словенија, Естонија, Латвија и Литванија. Албанија и Хрватска се приклучија во 2009 година, Црна Гора во 2017 година и Северна Македонија во 2020 година. По почетокот на руската инвазија на Украина, НАТО се прошири и ја вклучи Финска во 2023 година и Шведска во 2024 година.
Предлозите на Москва од декември 2021 година, презентирани два месеци пред целосната инвазија на Украина, исто така предвидуваа дека нема да бидат распоредени дополнителни сили и вооружување на територијата на други европски земји над нивоата од 27 мај 1997 година, освен во експлицитно договорени исклучителни случаи.

