Додека се приближува 15 март, денот Д, како што го нарекуваат некои од медиумите во Србија и од регионот, многумина аналитичари повлекуваат паралели дали ситуацијата во оваа земја наликува на онаа од 2000 година, кога на 5 октомври неколку стотици илјади граѓани се собраа пред тогаш Сојузното собрание на она што остана од Југославија.
Тие имаа единствено барање: Да се признаат ресултатите од изборите што беа одржани на 24 септември на кој победи здружената опозиција на Србија под името Демократкска опозиција на Србија (ДОС).
Слбодан Милошевиќ ги одбиваше овие барања и го предизвика гневот на народот кој во стотици илјади пристигна утрото во Белград пред сојузното собрание, каде што отспротива се наоѓа Пионерскиот парк. Истиот парк во којшто овие денови е поставен кампот на контрастудентското „движење“.
Но, она што го овозможи обединувањето на српската опозиција беше граѓанското движење „Отпор“ во кое главен збор имаа студентите и младите на Србија кои на своја страна многу бргу ги придобија академската и интелектуалната средина на општеството.
Во Србија растеше незадоволството кај луѓето, пред се од економската состојба, но и од многу случаи на неказнети насилство, нерасчистени убиства, пораст на криминалот и задушување на медиумските слободи.
Граѓанските иницијативи станаа посилни, а студентското движење Отпор, чиј столб го сочинуваа и истакнати членови на Студентскиот протест во 1996/97 година, презеде важна улога.
Организацијата Отпор, чиј заштитен знак беше логото со стилизирана тупаница, ги собра младите, студентите и синдикатите и му се спротивстави на Милошевиќ на герилски начин, првенствено со графити, постери и налепници.
Режимот на Милошевиќ ја препозна опасноста од ова движење, чија популарност растеше и на кое му се придружија познати личности.
Генерално тука завршуваат сличностите и разликите меѓу 5 октомври 2000 и 15 март 2025 година, но според политичката атмосфера во која се одвиваат актуелните настани во Србија, има елементи за кои вреди да се потсетиме што се случуваше на 5 октомри 2000 година и што му преходеше на тој историски настан за Србија.
„Готов е“, беше главната парола на движењето „Отпор“
Кога на 6 октомври 2000 година, во десет и триесет навечер, Слободан Милошевиќ застана пред телевизиските камери за да објави дека повеќе не е претседател на Сојузна Република Југославија и дека „ќе им се посвети на семејството и внукот Марко“, претходниот ден, 5 октомври, влезе во историјата.
Стотици илјади луѓе од цела Србија го поминаа тој четврток во Белград, пред и во Народното собрание, барајќи признавање на изборната волја на граѓаните на изборите за претседател на Сојузна Република Југославија и за членови на сојузното и на локалните совети одржани на 24 септември.
Ден по изборите, опозициската коалиција ДОС – група од 18 партии и движења основани во јануари истата година – прогласи победа на сите нивоа, додека коалицијата на Социјалистичката партија на Србија на Милошевиќ и југословенската левица на неговата сопруга Мирјана Марковиќ го признаа поразот само на локалните избори.
Поддржувачите на ДОС пристигнаа во Белград рано наутро, организирани од повеќе правци, од цела Србија, а беа предводени од лидерите на ДОС. Околу 15 часот, граѓаните собрани на митинг пред Собранието на СРЈ се обидоа да влезат во зградата на Собранието каде се подготвуваше изборниот материјал за најавениот контроверзен втор изборен круг.
Група луѓе околу 15 часот и 35 минути преку прозорец влегле во југословенскиот парламент. Полицијата со поголема количина солзавец успеа да растера значителен број луѓе од платото пред Собранието на СР Југославија.
Над десетина граѓани околу 16 часот влегле пред вратите на Сојузното собрание, додека полицајците кои дотогаш ја обезбедувале зградата се повлекле. Од десното крило на Собранието извира густ црн чад, а искршени се поголемиот дел од прозорците на зградата. Демонстрантите демолираа неколку полициски возила за време на судирите на улицата Косовска зад југословенскиот парламент. За време на судирите меѓу полицијата и демонстрантите, се слушнале и пукотници.
Околу 17 часот командирот на белградската полиција побарал средба со претставници на ДОС. Околу 18 часот припадниците на полициската станица на улицата Мајке Јевросиме го положија оружјето и им се придружија на демонстрантите.
Над десетина граѓани со полесни и тешки повреди се примени во Ургентниот центар. Полицијата употреби солзавец и во близина на зградата на Радио и телевизија на Србија, додека група демонстранти на багер се обидуваа да се пробијат до влезот.
РТС во пламен
Тогаш беше опожарена зградата на РТС на улицата Таковска, а редовната програма на РТС престана да се емитува по 17 часот. На сите три државни телевизиски канали се емитуваа видеа, реклами и снимени емисии. Радио-телевизиското студио Б почна да емитува редовни вести за настаните на улица во попладневните часови. Подоцна, една по друга, сите други телевизии почнаа да известуваат за вистинските настани на белградските улици. Единствениот електронски медиум во Белград кој слободно и професионално известуваше за постизборната криза и протестите пред и за време на 5-ти октомври беше Радио Индекс.
Што му претходеше на 5 октомври 2000 година?
Поради војната во Косово и Метохија, Советот за безбедност на Обединетите нации повторно воведе меѓународни санкции против Сојузна Република Југославија во 1998 година. Слободан Милошевиќ стана првиот претседател на земја што беше меѓународно обвинет за воени злосторства. По неуспешните преговори во Рамбује, НАТО започна со бомбардирање во март 1999 година, обвинувајќи ги југословенските и српските власти дека систематски спроведуваат етничко чистење на косовските Албанци. Нападите беа прекинати во јуни, по потпишувањето на воено-техничкиот договор за повлекување на југословенската војска и полиција од територијата на Косово и Метохија.
Водечките медиуми во Србија постојано ги демонизираа опозициските актери.
Во октомври 1998 година, на барање на министерот за информации Александар Вучиќ, беше усвоен Законот за информации од јавен карактер, кој остана запаметен по воведувањето високи казни за новинарите чие пишување беше во спротивност со политиките на режимот на Слободан Милошевиќ, а исто така доведе до затворање на независни медиуми.
Еден од основачите и уредниците на независните весници, Славко Ќурувија, беше убиен на 11 април 1999 година.
Опозициската коалиција Алијанса за промени организираше неколку демонстрации против режимот на Слободан Милошевиќ почнувајќи од август 1999 година. Во октомври беше извршен обид за атентат врз опозицискиот политичар Вук Драшковиќ, во кој животот го загубија четири лица.
Коалицијата Демократска опозиција на Србија беше формирана на почетокот на 2000 година. Во јуни беше извршен уште еден обид за атентат врз Драшковиќ, а кратко потоа Драшковиќ го напушти ДОС.
Во пресрет на сојузните избори во 2000 година, се зборуваше дека Иван Стамболиќ може да се појави како еден од водачите на здружената опозиција и антикандидат на Милошевиќ за претседател на СРЈ, а во август 2000 година тој беше киднапиран и убиен од членовите на ЈСО.