Во 2023 година, Северна Македонија произведе 878.303 тони отпад, од кои 99,8% завршија на депонии. Рециклирањето се одвива под 3%, а системите за управување со отпад се фрагментирани и нефункционални.
Дина АРНАУТ*
Во Северна Македонија, Зелената агенда изгледа одлично. На хартија. Имаме стратегии, патокази, куп експерти, европски фондови и бескрајни флоскули: „инклузивна транзиција“, „кружна економија“, „одржливо управување“. Сè изгледа како да сме на вистинскиот пат. На хартија. Но хартијата не копа лозје.
А лозјето не раѓа од декларации.
Лозје не бара молитва, туку мотика“, ни вели народот. А кај нас, институциите само се крстат пред лозјето, па се чудат зошто нема вино.
Во 2023 година, Северна Македонија произведе 878.303 тони отпад, од кои 99,8% завршија на депонии. Рециклирањето се одвива под 3%, а системите за управување со отпад се фрагментирани и нефункционални.
Во ЕУ, просечно 48% од отпадот се рециклира, со цел депониите да се сведат под 10% до 2035. Шведска веќе го живее тој стандард; 99% од отпадот не оди на депонија, туку се рециклира или се претвора во енергија. Австрија согорува над 30%, под строг еколошки надзор. Словенија инвестира во нови постројки, а ние се сликаме пред садници и тоа го нарекуваме Зелена агенда.
Планови имаме. Но не и раце што копаат. Ќе слушнете за „национални стратегии“, „закон за проширена одговорност“, „програми за зелена економија“. Но ништо од тоа не се гледа кога ќе излезете на улица. Законите си постојат, но никој не се прашува зошто имплементацијата не менува ништо во реалноста. Бизнисите што сакаат да вложуваат во отпад остануваат без пристап до јавна поддршка, без стимул, без партнерства. Сите ќе ви честитаат за добрата идеја, а никој нема да ви даде шанса да ја спроведете.
РЕДИ Рециклажа е единственото социјално претпријатие во земјава што собира и селектира отпад. Не со студии, туку со вистински канти, вистински луѓе и вистински адреси. Во изминативе четири години, обезбеди услуга за над 25.000 граѓани и сето тоа без општински тендери, без државна помош, без политички чадор. Со сопствена мотика.
А во април 2024 година, Општина Карпош ни го одзеде просторот за работа. Без најава. Без дијалог. Без алтернатива. Официјалното објаснување? „Ќе се лепат плочки.“ Тоа не беше грешка, тоа беше порака: дури и кога еден систем функционира, ако не е дел од сценариото, нема да биде дел ниту од агендата.
„Ѕид без малечки камчиња не стои“, ни вели една друга македонска поговорка. Но институциите кај нас бараат само гранитни блокови: европски фондови, големи проекти, звучни партнерства. А локалните иницијативи, претпријатија, активисти се игнорираат. Или, во најдобар случај, се покануваат како декор на конференција. Пластична икебана.
Секој што се обидува да понуди конкретно решение, ќе помине низ истата шема: ќе биде пофален, ќе добие ветување, и потоа – тишина. Тоа е модел што одамна има име: симулација на поддршка. А лозјето нема да нѐ чека вечно.
Северна Македонија има стратегии. Има фондови. Има луѓе што се спремни да работат. Но нема систем што знае да ги препознае, поддржи и задржи. Додека чекаме институциите да се освестат, лозјето стои. Иако е плодна почвата, ако не се работи, ќе израсне трње. А мотиката веќе рѓосува од неупотреба. Или ќе копаме, или ќе се молиме.
*Дина Арнаут е извршна директорка на РЕДИ Рециклажа