Многу израелски лидери со децении сонуваа за раселување на Палестинците од Појасот Газа, со цел создавање простор за анексија и колонизација. Сега, Доналд Трамп ѝ даде легитимитет на оваа опасна идеја.
Светот денес е исправен пред сериозна задача – да се спротивстави на нормализацијата на етничкото чистење и колонијалното заземање на палестинска земја, кои се спроведуваат преку израелско-американската соработка.
Во април, американскиот претседател Доналд Трамп по вторпат се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху од неговата инаугурација. За време на нивната прес-конференција, Трамп повторно зборуваше за Појасот Газа, нарекувајќи го „неверојатен комад вредна недвижнина“. Притоа, тој предложи Палестинците да го напуштат Газа и „да заминат во други земји“, тврдејќи дека „многумина ја сакаат таа визија“.
Само неколку дена подоцна, околу 70% од територијата на Газа беше прогласена за „зона со забранет влез за Палестинци“. Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, најави дека Израел ќе заземе повеќе територии во согласност со „визијата на американскиот претседател“, и дека Палестинците кои сакаат да заминат ќе добијат „доброволен премин“.
Легализација на етничко чистење
Она што Трамп го нарекува свој „концепт“, всушност е стара израелска стратегија за етничко чистење на Појасот Газа. Со децении постоеја идеи и планови за раселување на Палестинците со цел остварување целосна контрола. Во еден период, дури и се обидувале да го брендираат Газа како „Хаваите на Израел“ за да привлечат доселеници.
Уште во 1956 година, Израел се обиде да ја окупира Газа, но беше спречен од претседателот Ајзенхауер. Од тој момент, Израел сфати дека за да ги оствари своите цели, мора да има поддршка од САД.
По окупацијата во 1967 година, идејата за „трансфер“ на палестинското население се ревитализира. Официјални политики се формулираа под различни имиња: „доброволна миграција“, „реабилитација“, па дури и „враќање на Арапите во Арабија“. Сите имаа за цел намалување на палестинското присуство во Газа.
Од „рехабилитација“ до „патувачка агенција“
Министерството за надворешни работи на Израел дури организираше пасоши и патувања за Палестинци кои би сакале да заминат. Поранешниот премиер Леви Ешкол отворено изјави: „Сакам сите да си заминат, дури и на Месечината“.
Сепак, сите овие обиди не дадоа резултат – бројот на Палестинци што го напуштија Појасот беше мал. Светската заедница, меѓународното право и моралните обврски беа пречка за легитимно етничко чистење.
Но, по 7 октомври 2023, израелските лидери повторно ја вратија оваа идеја во политичкиот фокус, а Трамп им даде отворена поддршка.
Трамп како гласноговорник на ревизионистичкиот ционизам
Со свои изјави, Трамп ја легитимира идејата за етничко чистење како алатка за национална безбедност. Тој го негира правото на самоопределување на Палестинците и повторно отвора врати за реализација на планови кои би биле невозможно спроведливи без поддршка од САД.
Неговите ставови се ехо на ревизионистичкиот ционистички идеолог Зеев Жаботински, кој верувал дека еврејското право на земја е повисоко од правото на живот и иднина на другите народи.
Со охрабрување на израелските планови за раселување, Трамп не само што го претставува моментален предизвик за Палестинците, туку и поставува темел за долгорочна стратегија која би можела да ги надживее неговите мандати. Тој создава преседан – етничко чистење како официјална политика на една суперсила.
Останува на меѓународната заедница да го спречи овој опасен тренд – пред визиите на Израел и Трамп да станат реалност на теренот.
Извор Ал Џазира