Чистиот воздух не треба да доаѓа со календар. Скопје заслужува храбри мерки, сега, не следната зима.
Асиб ЗЕКИР*
Секоја пролет во Скопје се случува чудо. Смогот се повлекува, воздухот изгледа посвежо, а графиконите за мерење на загадувањето повеќе не светат во црвено. Социјалните мрежи молчат. Проблемот е „решен“, или барем така изгледа.
Но оваа илузија на чист воздух не е победа. Тоа е само сезонска пауза, не и системска промена. Штетните честички што ни ги полнат белите дробови во зима не исчезналe, само не ги гледаме. А кога ќе почнат да паѓаат лисјата, чадот повторно се враќа како по распоред.
Вистинскиот проблем е во нашиот однос кон загадувањето: се однесуваме како да е временска појава.
Сите знаеме кои се изворите на загадувањето: неефикасно греење, стари возила, прашина од градилиштата, и палење отпад. Тоа не е тајна. Тоа е решливо. Но секоја година чекаме пролетта да „го среди“ проблемот, наместо навреме да ги решаваме причините.
Оваа сезонска амнезија само им дава алиби на институциите да одолговлекуваат. Планови се пишуваат, буџети се ветуваат, проекти се најавуваат, но вистинската акција се одложува „по изборите“, „по грејната сезона“ или „кога ќе стигнат фондовите“. А во меѓувреме, децата растат дишeјќи воздух што го скратува животот.
Еколошката правда бара итност. Бара воздухот што се дише во Шуто Оризари, Кисела Вода или Центар да не зависи од среќа, туку да биде основно право. И бара решенијата да не се сведат само на тоа граѓаните да менуваат навики, додека системските загадувачи остануваат недопрени.
Чистиот воздух не треба да доаѓа со календар. Скопје заслужува храбри мерки, сега, не следната зима. Субвенционирајте еко-системи за греење. Забранете индустриско согорување. Воведете нискоемисиони зони. Поддржете социјални претпријатија кои собираат отпад, не само консултанти кои собираат стратегии.
Да не чекаме пролет за да се залажуваме дека дишеме чисто. Да се бориме воздухот да стане стандард, а не сезона.
*Асиб Зекир, извршен директор на РЕДИ – Северна Македонија