35 години од натпреварот Динамо-Црвена ѕвезда кој заврши пред да почне и кој ја навести војната меѓу Хрватска и тогашна Југославија

Триесет и пет години поминаа од познатиот натпревар Динамо – Црвена Звезда на стадионот Максимир во Загреб. На 13 мај 1990 година, напнатоста во воздухот можеше да се сече со нож. Динамо и Црвена Звезда имаа одиграно претходно десеттици натпревари, но овој беше посебен. Бројни автобуси со навивачи на Црвена Звезда пристигнаа во Загреб рано наутро.

Имаше повеќе од три илјади навивачи Делии, како што ги викаа оние на Црвена ѕвезда, и беше јасно дека не дојдоа само за натпреварот. Само пред неколку недели се одржаа првите повеќепартиски избори во историјата на Хрватска кои го наговестија чекорот кон независноста од поранешната заедничка држава СФР Југославија.

Неколку часа пред натпреварот, полицијата во тоа време имаше полни раце работа. Делиите неколку пати ги нападнаа „Лошите сини момци“ (Bad Blue Boy’s) и стана очигледно зошто пристигнаа во Загреб во толку голем број.

Митскиот и никогаш не одигран натпревар за шампионската титула на Југославија на Динамо против Црвена Звезда на Максимир стана легендарен. Навивачки немири се случуваа низ целиот град во текот на денот, а продолжија и во пресрет и на стадионот пред да почне на натпреварот.

Делиите беснеја и ги откорнуваа столчињата на стадионот „Максимир“ и ги фрлаа кон навивачите на Динамо.

Лошите Сини Момци, незадоволни од фактот што милицијата им дозволуваше на Делиите да дивеат, упаднаа на полето и се судрија со милицијата.

Тогаш се случи скокот и ударот со тупаница од страна на тогашниот млад капитен на Динамо, Звонимир Бобан, врз Рефик Ахметовиќ, еден од полицајците.

За Динамо и за хрватската јавност и денеска, како што беше објавено и на социјалните мрежи на клубот од Загреб „тоа беше еден вид симболична рамка на настаните од тоа време, секвенца што сè уште е вткаена во мислите и емоциите на сините навивачи со силна симболика: капитенот на Динамо, Звонимир Бобан, инстинктивно реагира кон полицаецот во желба да стави крај на неправдата и да ги одбрани навивачите, соиграчите и себеси…“.

Потоа започна масовната тепачка и натпреварот заврши пред да биде започнат, а настанот, поради контекстот на времето и социо-политичките околности, симболично се смета за почеток на борбата за хрватска независност, иако вистинската војна започна една година подоцна.

Зачлени се на нашиот е-билтен