Македонија, иако традиционално аграрна земја, денес увезува околу 70 отсто од своите земјоделски производи. Долгогодишните слаби политики и недоволно ефективни мерки го ослабија домашното производство и ја направија земјата увозно зависна дури и за основните прехранбени производи. Сепак, експертите сметаат дека ситуацијата не е безнадежна – особено ако државата продолжи со поддршката и ако младите се вклучат во производството.
„Тоа што сме зависни од увоз не значи дека немаме услови да произведуваме здрава и безбедна храна“, вели проф. д-р Билјана Ристаќовска Ширговска од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Според неа, веќе се забележува зголемен интерес кај младите за враќање на селото и сопствено производство.
Таа додава дека новите мерки, како субвенции и неповратни грантови за млади земјоделци, може значително да ја променат сликата.
„Имаме потенцијал, имаме ресурси. Доколку продолжи системската поддршка и се обезбедат предуслови за сигурен пласман, процентот на увозената храна ќе се намалува“, додава таа.
Покрај земјоделските производи, Македонија сè повеќе увезува месо – од говедско до пилешко. Според проф. д-р Александра Силоска Николова од истиот факултет, сточниот фонд во земјата е во постојан пад.
„Увозно сме зависни од говедско месо, кое најчесто доаѓа од Бразил, како и пилешкото. Свинското не може да ги задоволи ни основните потреби на пазарот, а не пак индустриските капацитети. Немаме доволно суровина ниту за преработка на месо“, предупредува таа.
Во вакви услови, неизбежно се наметнува прашањето за квалитетот на храната што завршува на нашите трпези. Само пред велигденските празници, Агенцијата за храна и ветеринарство уништи околу 2 тона небезбедна храна, а до средината на март – над 40 тони сувомесни производи кои не ги исполнувале безбедносните стандарди.
Министерот за земјоделство Љупчо Трипуновски најави дополнителни мерки преку програмата за рурален развој. Младите кои ќе одлучат да се вклучат во земјоделството ќе добијат финансиска поддршка и логистичка помош, со цел да се поттикне производството, да се оживеат селата и да се намали зависноста од увозот.
„Ако сега не дејствуваме, храната ќе стане луксуз за многу семејства. Време е земјоделството да стане вистински државен приоритет“, порачуваат професорите.