Единствената пречка за ефикасна дипломатија е Москва

Претседателот Володимир Зеленски ќе ја посети Турција на 15 мај за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Украина настојува да го стави крај на војната и затоа се согласи на предлозите на американскиот претседател за долгорочно примирје и директни преговори со Русија. Според Киев и неговите европски сојузници, Путин треба лично да учествува во преговорите во Истанбул: ова е негова војна и тој е тој што ги носи сите одлуки во Русија.

Олександар ЛЕВЧЕНКО

Володимир Зеленски изрази подготвеност да се сретне со Путин, но други формати на состаноци не се разгледувале. Дополнително, потребно е да се избегнат недоразбирања предизвикани од одредени инсинуации дека претседателот Зеленски наводно со свој указ забранил било какви преговори со Путин. Сепак, тоа е манипулација. Релевантниот указ од 2022 година само ја потврдува уставната одредба дека за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина може да преговара само претседателот.

Во реалноста, единствената пречка за ефикасна дипломатија денес е Москва, која одолговлекува и избегнува постигнување мирно решение. Ако Путин го одбие состанокот во Истанбул, тогаш САД, европските држави и лидерите од други земји треба да преземат решителни мерки за да ја принудат Русија на деескалација. Украина инсистира на потребата од прекин на огнот, што би ги отворило вратите за дипломатија. Главната цел на оваа иницијатива е создавање услови за деескалација и дипломатско решение. Само со прифаќање на прекин на огнот Москва ќе докаже дека навистина е подготвена да ја запре војната и да премине на чесна дипломатија.

Украина, САД и Европа бараат од Путин реални чекори кон деескалација, а не уште една манипулација насочена кон продолжување на конфликтот.

Во меѓувреме, портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, нагласи дека руската делегација ќе пристигне во Турција на разговори, но не откри кој точно ќе ја предводи. Тоа значи дека сè уште не е јасно дали во Истанбул ќе се одржи украинско-руски самит со учество на украинскиот претседател Зеленски и шефот на Кремљ, Владимир Путин.

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва изјави дека ќе се обиде да го убеди Путин лично да отпатува во Турција на разговори со Зеленски. „Ќе се обидам да разговарам со Путин. Морам да му кажам: ‘Еј, пријателе Путин, оди во Истанбул и преговарај, заради Бога’“, изјави Лула, според францускиот медиум Quest-France. Претходно, Бразил и Кина издадоа заедничка изјава во врска со предлогот на Русија за почеток на директни украинско-руски преговори. Двете страни го нарекоа дијалогот единствениот начин за ставање крај на војната.

На Самитот за демократија во Копенхаген, високата претставничка на ЕУ Каја Калас изјави дека не е сигурна во врска со планираниот состанок меѓу Зеленски и Путин. Според неа, иако Зеленски правилно одговорил на повикот за состанок во четврток во Турција, постојат големи прашања за подготвеноста на Путин за ваков состанок. „Зеленски се согласи на разговори со Путин под услов на 30-дневно примирје, но малку е веројатно дека Русија ќе прифати. Американците се обидуваат да ги остават вратите отворени за Русија да седне на преговарачка маса“, додаде Калас.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не знае дали Путин ќе отпатува во Турција на разговори со Украина. „Тој би сакал јас да бидам таму, и тоа е можно… Не знам дали ќе биде таму ако јас не бидам. Ќе дознаеме“, рече Трамп во својот авион „Ер Форс Уан“ во Саудиска Арабија.

Според прелиминарни информации, ако самитот не успее, руската делегација ќе ја предводи министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин, Јуриј Ушаков. Американската делегација ќе ја сочинуваат специјалните претставници на американскиот претседател Кит Келог и Стив Виткоф.

Потребно е да се разбере дека рускиот диктатор се плаши да лета надвор од Русија. Во текот на целата војна, ги посетуваше само земјите со кои Русија граничи, соработува и каде што му е гарантирана безбедност (Кина, Монголија, Северна Кореја, Казахстан, ОАЕ, Виетнам). Путин се плаши дека нешто може да му се случи на авионот, бидејќи добро ја памети судбината на Јевгениј Пригожин, кој најверојатно беше елиминиран не без негово знаење. Тој разбира дека тоа нема да го стори Украина, туку луѓето околу него од Кремљ – кои на тој начин би можеле да се помират со Западот. Тој страв го демотивира Путин. Тој исто така разбира дека, и покрај изјавите на Ердоган дека имаат пријателски односи, во Турција и натаму постојат ризици за него.

Претседателот Трамп изјави дека САД размислуваат за воведување секундарни санкции против Русија. Во исто време, Европската унија веќе го усогласи 17. пакет санкции против Руската Федерација. „Ова е силен сигнал дека ЕУ и понатаму стои обединета во поддршката на украинскиот народ“, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.

Санкциите ќе влијаат на 189 пловила кои се вклучени во нелегален транспорт на руска нафта по цена над одредениот праг од Г7. Европските разузнавачки служби ги поврзуваат овие танкери со руски шпионски операции и саботажи, вклучително и напади врз подморски кабли. Покрај тоа, новите санкции опфаќаат повеќе од 20 организации и поединци кои шират руска пропаганда и дезинформации. На листата се и 20 судии и обвинители кои учествувале во политички процеси против опозиционерите Владимир Кара-Мурза и покојниот Алексеј Навални.

Европската комисија исто така воведува ограничувања за извоз на хемикалии во Русија кои може да се користат за производство на ракети. Санкциите треба формално да ги одобрат министрите за надворешни работи и одбрана на земјите членки на ЕУ на 20 мај. Во некои држави, вклучувајќи ја и Унгарија, оваа одлука сè уште треба да ја ратификуваат националните парламенти.

Според Politico, следните чекори на ЕУ би можеле да вклучуваат ограничувања во банкарскиот и енергетскиот сектор. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро смета дека ЕУ треба да се фокусира на нов пакет санкции со цел да ја задуши руската економија и да го натера Владимир Путин да стави крај на војната. Баро нагласи дека досегашните мерки не биле доволни, и дека ЕУ мора да соработува со САД, каде Конгресот веќе подготвува разорни мерки доколку Доналд Трамп одлучи да изврши притисок врз Москва. „Мораме да продолжиме понатаму бидејќи сегашните санкции не го убедиле Путин да го прекине агресивниот рат. Затоа мораме да се подготвиме за проширување на разорните санкции кои конечно би можеле да ја задушат руската економија“, смета шефот на француската дипломатија.

Баро додаде дека ќе разговара со американскиот сенатор Линдзи Греем за предлог-законот за санкции кој се подготвува. Законот предвидува воведување царини од 500% за земјите што увезуваат руска нафта. „Русија најде начини да ги заобиколи ограничувањата наметнати од Европа и САД, па затворањето на вентилот би можело да ја фати за гуша“, заклучи Баро.

*Олександар ЛЕВЧЕНКО e поранешен украински амбасадор во Хрватска и Босна и Херцеговина

Зачлени се на нашиот е-билтен