Руските преговарачи на мировните преговори во Истанбул побарале Украина да ги повлече своите сили од сите украински територии што Москва ги смета за свои, пред да се согласи на прекин на огнот, изјави висок украински функционер запознаен со разговорите. Тоа барање, заедно со другите изнесени во петокот, оди подалеку од рамката на нацрт-мировниот договор предложен од САД минатиот месец, по консултации со Москва.
Првите директни преговори меѓу двете страни по три години, одржани во Истанбул, завршија со договор за размена на воени заробеници, но без постигнат договор за прекин на огнот.
Прв услов: повлекување на украинската армија
Првиот услов, според украинскиот функционер, е целосно повлекување на украинската армија од четирите региони што Русија ги смета за своја територија. Станува збор за Донецк, Запорожје, Херсон и Луганск. Дури потоа, велат Русите, би се пристапило кон прекин на огнот.
Иако Русија во голема мера ги контролира овие региони, украинската армија сè уште се бори во делови од нив.
Втор услов: меѓународно признавање на руската анексија
Русија исто така бара меѓународната заедница да ги признае пет украински региони како дел од Руската Федерација. Освен Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон, се бара и признавање на Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.
Во американскиот предлог се предвидува само де јуре (правно) признавање на Крим и де факто (фактичко) признавање на делови од другите региони под руска контрола.
Трет услов: откажување од барања за репарации
Третиот главен услов е сите страни да се откажат од барањата за воени репарации. Москва инсистира на целосно откажување од правото на отштета, додека САД бараат Украина да добие компензација за воените штети.
Украинскиот функционер изјави дека руските барања биле изнесени усно, а не во писмена форма.
Украинската реакција и ставот на сојузниците
Киев оцени дека преговарачката позиција на Русија во Истанбул покажува дека Москва не е сериозна во однос на постигнување вистински мир. Европските сојузници на Украина, пак, бараат од американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови санкции против Русија.
Како одговор, Киев и неговите сојузници изработиле алтернативен предлог, според кој најпрво би се постигнал прекин на огнот, а потоа би започнале преговори. Тие, исто така, сметаат дека територијалните прашања не треба да се разгледуваат во почетната фаза од мировниот процес.