Дигитализација и неформалните претприемачи — невидливи во онлајн светот

Дигитализацијата не смее да биде луксуз, туку право. Само со инклузивни политики и соработка меѓу државата, граѓанските организации и технолошкиот сектор ќе можеме да ги направиме овие “невидливи” претприемачи видливи  и одржливи во онлајн светот.

Асиб ЗЕКИР*

Во време кога дигиталната економија бележи експоненцијален раст, неформалните претприемачи, често од маргинализирани заедници остануваат на периферијата на технолошкиот развој. Според Меѓународната организација на трудот (ILO), над 60% од работната сила во земјите со ниски и средни приходи се ангажирани во неформалната економија. Во Северна Македонија, се проценува дека речиси 20% од БДП потекнува од неформални економски активности, каде спаѓаат и мали семејни бизниси, самовработени лица и сезонски работници.

Овие бизниси, иако клучни за преживување и микроекономски развој, ретко имаат пристап до дигитални канали за продажба, финансиски услуги или едукација. Доколку не би постоел граѓанскиот сектор преку програми за дигитализација на бизниси како што е програмата “Roma Digital Boost”, претприемачите од ромската заедница не би имале пристап до алатките за дигитализирање на нивниот бизнис.  Во една анкета спроведена од Европската комисија во 2022 година, 43% од микро-претприемачите во Југоисточна Европа изјавиле дека немаат основни дигитални вештини, додека 68% немаат пристап до онлајн платформи за продажба или маркетинг.

Дигиталната трансформација често е наметната одозгора, преку платформи, апликации и алатки што не се прилагодени на културниот, јазичниот и економскиот контекст на маргинализираните претприемачи. Без фокусирани програми за дигитална инклузија, овие претприемачи остануваат невидливи за современите пазари.

Но, потенцијалот е тука. Преку локализирани едукативни програми, субвенциониран пристап до интернет, едноставни дигитални алатки на мајчин јазик и поддршка за формализација, можеме да создадеме нова генерација на микро-претприемачи што ќе учествуваат рамноправно во дигиталната економија.

Дигитализацијата не смее да биде луксуз, туку право. Само со инклузивни политики и соработка меѓу државата, граѓанските организации и технолошкиот сектор ќе можеме да ги направиме овие “невидливи” претприемачи видливи  и одржливи во онлајн светот.

*Асиб Зекир, извршен директор на РЕДИ – Северна Македонија

Зачлени се на нашиот е-билтен