Најмалку 1.500 проекти за чиста енергија низ Европа се запрени или одложени поради недостиг на капацитети во електропреносната мрежа. Според последните проценки, за европските земји да ги исполнат своите зелени цели, ќе бидат потребни околу 700 милијарди долари инвестиции во модернизација на мрежата.
Истите предизвици се присутни и во Северна Македонија. Иако бројот на фотоволтаици рапидно расте по енергетската криза, мрежата на која се приклучуваат овие капацитети е стара повеќе од 40 години. Тоа беше особено очигледно изминатиот викенд, кога речиси целата држава остана без струја.
Според информации од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), официјалниот извештај за причините за прекинот сè уште не е доставен, но првичните наоди укажуваат дека имало вишок струја, а малку потрошувачи – токму поради фотоволтаичните централи.
„МЕПСО во наредниот период ќе распише тендер за поставување на поголема кондензаторска батерија во Неготино. Така и тој проблем ќе биде надминат“, изјави Марко Бислимовски од РКЕ.
Во планот за развој на електропреносниот систем 2025–2035, МЕПСО наведува дека интегрирањето на обновливите извори на енергија претставува сериозен предизвик. Главните проблеми се:
несоодветна инфраструктура за приклучување на нови капацитети,
променлив профил на производство,
недостиг на инерција и намалена стабилност на системот при куси врски и големи испади.
Слични проблеми веќе ги почувствуваа Шпанија и Португалија, каде што милиони граѓани останаа неколку часа без струја. Причината беше осцилација во високонапонските далноводи, што надлежните го опишаа како „феномен“ поврзан со зголемената нестабилност од новите извори.
Мрежата сега е и безбедносно прашање
Дополнителна закана се и сајбер нападите. До крајот на месецов се очекува предлог-закон за сајбер безбедност, кој ќе се однесува и на критичната енергетска инфраструктура.
Министерката за енергетика Сања Божиновска потсети дека МЕПСО веќе беше мета на сериозен сајбер напад минатата година. Таа истакна дека заштитата на преносниот систем е прашање од национален интерес.
„Сè уште се размислува дали заштитата ќе ја спроведуваат државни институции или приватни компании, но приоритет ќе биде најдоброто решение за граѓаните“, изјави Божиновска.