Ејпл часовници од Дубаи завршија во афера со скопска мобилара

Ејпл часовници вредни 570 илјади денари биле откриени во случај што Царинската управа го поврзува со обид за криумчарење, замена на запленета стока и нејзино враќање во продажба во скопска мобилара. Случајот, според објавените информации, почнал на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на пратка од Дубаи декларирана како „Ејпл“ таблети, а завршил со кривична пријава против шест физички и две правни лица.

Царинските службеници при детална контрола на пратката откриле 20 паметни часовници што не биле опфатени со увозната царинска декларација. Часовниците биле привремено одземени и ставени во безбедносен сеф до наредба од јавен обвинител.

Според Царинската управа, истиот ден лица што имале пристап до сефот ги замениле запленетите оригинални часовници со евтини копии, а оригиналите му биле предадени на увозникот. Потоа, тие наводно биле ставени во продажба во сопствениот салон на скопската мобилара.

По налог на јавен обвинител бил извршен претрес во мобиларата, каде биле пронајдени оригиналните часовници. Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги спровело предистражни дејствија и форензика на прибавените докази.

Кривичната пријава, според објавените информации, се однесува на криумчарење, прикривање стока предмет на криумчарење и злоупотреба на службената положба. Царинската управа дополнително соопшти дека во 2025 година мобилните царински тимови извршиле 8.177 детални прегледи и регистрирале 271 случај на заплена.

Зачлени се на нашиот е-билтен