Албанија никогаш нема да биде пречка за членството на Македонија во Европската Унија, порача премиерот Еди Рама на Ќафасан. Тој ја отфрли можноста Тирана во иднина да го блокира македонскиот европски пат, објаснувајќи ги своите претходни изјави за внесувањето на Бугарите во Уставот.
„Албанија никогаш нема да биде пречка на кој било начин за одложување на членството на Северна Македонија во Европската Унија“, нагласи Рама.
Прашањето беше отворено по неговото интервју за Бугарската национална телевизија. Новинарите го прашаа дали ставот дека Македонија треба да ги спроведе уставните измени значи дека Албанија, доколку стане членка на ЕУ порано, би можела да ја блокира земјава.
Рама одговори дека неговите зборови биле издвоени од поширокиот контекст. Потсети на отстапките што Македонија ги направила за европската интеграција, вклучително и промената на името. Истовремено, го оцени како оправдан сомнежот дека и по внесувањето на Бугарите во Уставот може да се појави ново вето.
Тој остана на ставот дека уставните измени се услов за напредок, но нагласи дека не сака да ѝ кажува на македонската влада или на граѓаните што треба да направат.
Пораката дека Албанија нема да посегне по вето Рама ја испрати и во јули годинава. Тогаш, одговарајќи на прашање на студент од Скопје на младинскиот камп „РинКамп“ во Јал, изјави дека Тирана нема да го блокира македонското пристапување дури и ако претходно стане членка на Унијата. Употребата на вето ја оцени како неконструктивна практика што го поткопува проширувањето.
На Ќафасан одговори и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека Рама го објаснил контекстот. Нагласи дека станува збор за внатрешно прашање и дека довербата меѓу државите се гради преку соработка и заеднички проекти.
Двајцата премиери присуствуваа на промоцијата на системот „One Stop Shop“, со кој граничните проверки треба да се вршат со едно застанување.

