Албанскиот премиер Еди Рама на Ќафасан го повтори ставот дека Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот, додека премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека станува збор за внатрешно прашање и дека за напредок е потребна доверба.
Двајцата премиери одговараа на новинарски прашања при промоцијата на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин меѓу Македонија и Албанија.
Рама беше прашан дали неговата претходна изјава за бугарски медиум значи дека Албанија, доколку стане членка на ЕУ пред Македонија, би можела да го блокира нејзиниот прием. Тој ја отфрли таквата можност и оцени дека неговиот одговор бил изваден од контекст.
Објасни дека зборувал за веќе преземена обврска, но и за отстапките што Македонија ги направила за европската интеграција, вклучително и промената на името. Истовремено, го оцени како оправдан македонскиот сомнеж дека и по уставните измени може да следува ново вето.
Мицкоски одговори дека Рама го објаснил контекстот на изјавата, а потоа ја нагласи домашната надлежност за прашањето.
„Тоа се внатрешни прашања на една држава“, рече Мицкоски.
Размената следува по интервјуто на Рама за Бугарската национална телевизија, во кое албанскиот премиер изјави дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав произлегува од договорот постигнат со француско посредство.

