Едмонд Адеми: Македонија веќе направи тешки компромиси, и ЕУ мора да ги исполни обврските

Постојаното поставување нови услови, и покрај веќе исполнетите обврски, ја ослабува довербата на граѓаните во европската интеграција. Ова го оценува македонскиот амбасадор во Шпанија и Андора, Едмонд Адеми, во интервју за меѓународната платформа THEY SAID SO, во разговор со новинарот Хулијан Гинсо.

„Од земјите кандидатки се очекува да ги исполнат своите обврски, и тоа со право. Но и Европската Унија мора да ги почитува сопствените обврски и да обезбеди процесот да остане предвидлив, заснован врз заслуги и праведен. Довербата важи за двете страни“, вели Адеми.

Во интервјуто тој зборува за политичката цена на компромисите на европскиот пат, Преспанскиот договор и одговорноста на Брисел за веродостојноста на проширувањето. Смета дека иднината на Македонија е во ЕУ, а интеграцијата на Западен Балкан ја оценува како стратегиска инвестиција во безбедноста и стабилноста на Европа.

Разговорот ги опфаќа и односите со Шпанија, соработката со дијаспората, туризмот и промените што вештачката интелигенција ги носи во дипломатијата. Адеми, кој претходно беше министер задолжен за дијаспората и советник за надворешна политика на двајца премиери, се осврнува и на личните искуства што го обликувале, од детството во Тетово и семејните загуби до првата работа и книгите што оставиле трага врз него.

Од каде потекнувате и кои искуства од детството најмногу влијаеја врз тоа каква личност сте денес?

Роден сум во Тетово, Северна Македонија, град во западниот дел на земјата во кој различни јазици, култури и традиции со генерации живеат едни покрај други. Растењето таму многу рано ме научи дека секој човек носи различна приказна. Што ме обликуваше? Претпоставувам дека тоа беше детството, кое не беше лесно и кое уште од рана возраст ме научи дека животот не е автопат, туку планински пат, со искачувања, спуштања и понекогаш остри свиоци.

Кога денес размислувам за детството, се сеќавам на разговорите, улиците, паркот спроти зградата во која живеев, каде што како деца игравме фудбал, и на мирисот на липата пред нашиот стан во јуни.

Како би ја опишале семејната средина во која растевте и кои личности имаа најголемо влијание врз Вас во раните години?

Мојата семејна средина ја обликуваа и љубовта и загубата. Мајка ми почина од болест една година по моето раѓање, па израснав без навистина да ја запознаам. Немам никакво сеќавање на неа и можеби токму тоа најмногу боли. Нејзиното отсуство стана дел од мојот живот уште од самиот почеток.

Ме одгледа баба ми, која го изгубила својот сопруг, мојот дедо, три години пред да се родам. Некако изгледа дека судбината нè поврзала и преку тагата и загубата. Баба ми направи сè што можеше за да ми даде стабилност, вредности и чувство на припадност. Во првите години од животот таа несомнено беше личноста со најголемо влијание врз мене. Подоцна, и чичко ми стана важна личност, давајќи ми поддршка, совети и насоки во текот на младоста. Сè уште го сметам за пример, човек со цврсти вредности и принципи. И денес често му се јавувам за да разговараме за различни работи.

Дали одредени семејни или културни традиции имаа трајна улога во обликувањето на Вашите вредности или погледот кон светот?

Мојот роден град, Тетово, е мултиетничко и мултикултурно место во кое заедно живеат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби и други. И самата Република Северна Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултирелигиска држава.

Растењето во таква средина, опкружен со луѓе од различни етнички заедници, култури и со различни гледишта, ми даде важна вредност што ја носам со себе до денес. Различноста не е нешто од што треба да се плашиме, туку нешто што треба да го разбереме, особено во време кога во светот има премногу „боишта“, недоразбирања и осуди засновани врз разликите.

Затоа, ако треба да издвојам една вредност, тоа би била различноста.

Што првично Ве привлече кон областа што избравте да ја студирате и дали имаше момент кога сфативте дека тоа е вистинскиот пат за Вас?

Како и секој млад човек што сонува да учи нешто што го сака, и јас имав свои планови, но околностите, секако, можат да се променат. Тоа ми се случи и мене.

Во последните години од основното образование сакав да учам медицина и да станам лекар што работи во лабораторија, правејќи анализи на крв. Ја сакав хемијата. За жал, не бев примен во средното медицинско училиште, па се запишав во гимназија, надевајќи се дека по една година сепак ќе можам да се префрлам во медицинското училиште.

Но во гимназијата првпат се сретнав со социологијата и филозофијата и тие ме привлекоа. Делумно и поради професорот што ги предаваше. Тој беше толку посветен на предметите што некако успеа таа страст да ми ја пренесе и мене.

Така завршив на студии по социологија и филозофија, кои ми дадоа поширока перспектива за животот, општеството и политиката. Гледајќи наназад, тоа што не бев примен во медицинското училиште тогаш го доживеав како разочарување, но се покажа како еден од оние неочекувани животни пресврти што го сменија текот на мојата кариера. Не се жалам! Среќен сум што сум таму каде што сум денес.

На која возраст почнавте да работите и што Ве научи првото професионално искуство за одговорноста, самостојноста или лидерството?

Мислам дека имав петнаесет или шеснаесет години кога првпат работев како шанкер во мал бар во Тетово, наречен „Болеро“. Најчесто работев по училиште, за време на викендите и на летниот и зимскиот распуст.

Таа работа ме научи на вредноста на трудот, одговорноста, точноста и комуникацијата со луѓе од најразлични средини. Гледајќи наназад, тоа беше важно искуство. Ми даде самодоверба, силни работни навики и почит кон секоја работа, без оглед колку мала може да изгледа.

И да, има една трајна последица. Оттогаш останав љубител на еспресо и, дури и денес, можам да простам многу работи, но лошо подготвено еспресо не е една од нив.

Бевте министер за дијаспора, советник за надворешна политика на двајца премиери, а сега сте амбасадор на Северна Македонија во Шпанија и Андора, како и постојан претставник при ОН Туризам. Како би ги опишале Вашите сегашни одговорности и кои делови од работата Ви значат најмногу?

Секоја од тие функции беше различна, со своја динамика и предизвици, но сите имаат една заедничка цел, поврзување на луѓето, институциите и државите.

Како амбасадор, моите одговорности се движат од зајакнување на билатералните односи и унапредување на политичкиот дијалог до поддршка на економската, културната, образовната и парламентарната соработка. Најмногу ми значи можноста да поврзувам луѓе и институции од мојата земја со земјата во која ја извршувам амбасадорската функција, во овој случај Шпанија.

Без разлика дали помагам во создавањето нови партнерства, ги поддржувам европските аспирации на мојата земја, ја промовирам културата на Северна Македонија во странство или поттикнувам соработка во економијата, земјоделството, туризмот и други области, смислата ја наоѓам во создавањето врски што можат да дадат нешто трајно.

Северна Македонија направи значајни политички отстапки во стремежот кон европска интеграција, вклучувајќи уставни компромиси и компромиси поврзани со идентитетот. Во кој момент стремежот кон членство во ЕУ ризикува да бара повеќе од земјата кандидат отколку од самата Унија?

Нашиот пат од независноста во 1991 година не беше лесен. И, искрено, не знам за друга земја што морала да помине низ толку многу предизвици во процесот на евроатлантска интеграција.

Нашиот европски пат бараше тешки одлуки и значајни компромиси. Како општество покажавме дека сме подготвени да направиме храбри избори кога веруваме дека тие служат на поголема стратегиска цел, како мирот, стабилноста и нашето место во европското семејство. Овој процес за нас не течеше непречено, не затоа што не бевме посветени, всушност бевме многу посветени и остануваме такви, туку, за жал, постојат одделни земји членки што внесуваат билатерални прашања во процесот, што не е во согласност со принципите на европскиот концепт.

Процесот на проширување се заснова врз веродостојноста. Од земјите кандидатки се очекува да ги исполнат своите обврски, и тоа со право. Но и Европската Унија мора да ги почитува сопствените обврски и да обезбеди процесот да остане предвидлив, заснован врз заслуги и праведен. Довербата важи за двете страни.

Затоа, прашањето не е колку една земја е подготвена да жртвува. Ние веќе жртвувавме многу. Станува збор за зачувување на веродостојноста на самиот пристапен процес. Ако граѓаните почнат да чувствуваат дека секој исполнет услов едноставно води кон нов, па потоа уште еден, без оглед на веќе постигнатиот напредок, довербата во европскиот проект неизбежно слабее. Тоа не е во ничиј интерес, ниту во интерес на земјите кандидатки ниту на Европската Унија.

И покрај предизвиците и разочарувањата, останувам убеден дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија. Проширувањето не е добротворен чин и ние не го гледаме така. Тоа е стратегиска инвестиција во посилна, постабилна и пообединета Европа. Но одговорноста за остварување на таа визија им припаѓа на двете страни.

Западен Балкан често се опишува како стратегиски важен регион, но проширувањето повеќепати го губеше политичкиот замав во Европската Унија. Дали ЕУ ненамерно создаде јаз во веродостојноста меѓу своите ветувања и постапки?

Верувам дека Европската Унија останува едно од најголемите политички достигнувања на современата ера. Таа преобрази континент што некогаш беше поделен со војни во заедница изградена врз мирот, демократијата, владеењето на правото и заедничкиот просперитет. Токму затоа нејзината веродостојност е важна, не само за земјите кандидатки туку и за самата Унија.

Повеќе од две децении Западен Балкан постојано се препознава како составен дел од иднината на Европа. Европските совети, стратегиите и декларациите постојано потврдуваа дека иднината на регионот е во Европската Унија. Но истовремено, врз темпото на проширувањето често влијаеја не само напредокот на земјите кандидатки туку и внатрешната политичка динамика во Европската Унија и билатералните прашања. Тоа неизбежно создаде неизвесност, а во некои случаи и разочарување кај граѓаните што своите надежи ги вложиле во европскиот проект.

Разбирам дека проширувањето е сложен процес. Земјите кандидатки мора да покажат дека ги исполнуваат потребните стандарди, ги зајакнуваат демократските институции, го почитуваат владеењето на правото и спроведуваат често тешки реформи. Тоа не се услови наметнати за нечија туѓа корист, туку реформи што на крајот ги подобруваат нашите сопствени општества. Но, од друга страна, и ЕУ треба да ги почитува своите обврски. Знаете, веродостојноста важи за двете страни. Ова не е предизвик само за Западен Балкан. Подеднакво е предизвик и за Европската Унија.

Сепак, останувам убеден дека интеграцијата на Западен Балкан не значи само проширување на границите на Унијата. Станува збор за заокружување на европскиот проект. Регионот географски, историски, економски и културно е дел од Европа. Вложувањето во неговата интеграција е стратегиска инвестиција и ЕУ е свесна за тоа, особено во овие денови на кревок мир во Европа, со руската инвазија врз Украина и нестабилноста во други делови од светот.

Како поранешен министер за дијаспора, што Ве научи тоа искуство за улогата на иселеничките заедници во зајакнувањето на дипломатијата, економскиот развој и националниот идентитет? Како владите можат да ја претворат емоционалната поврзаност во траен ангажман?

Знаете, кога размислувате за миграцијата, идентитетот и припадноста, моето искуство како министер за дијаспора го зацврсти уверувањето дека дијаспората е многу повеќе од заедница што живее надвор од земјата на потекло. Таа ги поврзува општествата, културите, економиите и идеите.

Премногу често ја гледаме дијаспората само преку паричните дознаки или повремените посети во текот на летото. Во иселеничките заедници има успешни претприемачи, научници, академски работници, уметници, студенти, професионалци и млади луѓе што изградиле живот низ целиот свет. Тие претставуваат извонреден потенцијал на знаење, искуство и меѓународни контакти. Како министер за дијаспора запознав многу такви луѓе, добро интегрирани во општествата во кои живеат.

Република Северна Македонија има 1,8 милиони жители според последниот попис од 2021 година, но истовремено има и голема дијаспора. Според Светска банка, околу половина милион македонски граѓани живеат надвор од земјата. Имаме големи иселенички заедници во Германија, Швајцарија, Италија, Австрија, Данска, Малта, САД, Канада, Австралија и други земји. Тоа се бројки што бараат владите да градат долгорочен однос со сопствената дијаспора.

Токму затоа во 2018 година, како министер за дијаспора, во тесна соработка со Меѓународната организација за миграција, ИОМ, и други национални институции и експерти, работевме на првата Национална стратегија за дијаспората за периодот 2019–2023 година. Создадовме стратегиски документ што ќе им даде основа на националните институции и општините да соработуваат со дијаспората и ќе отвори простор за подлабока соработка и посилни односи. Минатата година, во 2025 година, Владата усвои нова стратегија за периодот 2025–2030 година, која продолжува да ги развива и унапредува дијалогот и односите со дијаспората. Тоа подразбира создавање и одржување редовен дијалог, поттикнување инвестиции и претприемништво, поддршка на образовни и културни иницијативи и отворање можности помладите генерации да останат поврзани со своите корени.

Едно ми е јасно, носталгијата кон татковината е моќна основа, но за траен ангажман е потребна доверба. Луѓето се вклучуваат кога се чувствуваат почитувани, сослушани и третирани како партнери, а не само како извор на финансиска поддршка или политички интерес.

На крајот, верувам дека најуспешната политика кон дијаспората е онаа што оди подалеку од носталгијата. Целта не е само да се зачуваат емоционалните врски со татковината, кои се важни, туку тие врски да се претворат во трајна соработка, заемна доверба и заеднички можности.

Туризмот сè повеќе се гледа како инструмент на дипломатијата, а не само како економски сектор. Во која мера може да стане средство за спречување конфликти, меѓукултурен дијалог и долгорочно градење мир?

Да, се согласувам дека туризмот е облик на дипломатија бидејќи создава средби меѓу луѓе што инаку можеби никогаш не би се запознале. Тие средби и посетите на различни земји, градови и села имаат моќ да ги преиспитаат стереотипите, да изградат доверба и да поттикнат заемно разбирање. Но дали туризмот може сам да спречи конфликти? Најверојатно не. Мирот на крајот зависи од политичкото лидерство.

Туристичката индустрија се соочува со сè поголеми критики поради прекумерниот туризам, уништувањето на животната средина и притисокот врз локалните заедници. Дали владите треба да почнат да го мерат успехот на туризмот според квалитетот на неговото влијание, наместо според бројот на посетители?

Со години успехот во туризмот главно се мереше преку бројки, повеќе пристигнувања, повеќе ноќевања, повеќе приходи. Тие показатели остануваат важни бидејќи туризмот создава работни места, ги поддржува локалните бизниси и значително придонесува за економскиот развој. Но денес сè повеќе ја гледаме неусогласеноста меѓу масовниот туризам и неговото влијание врз локалните заедници, што отвора прашања за квалитетот и одржливоста.

Во Шпанија, на пример, ги видов двете страни на оваа реалност. Шпанија со право се смета за една од водечките туристички дестинации во светот, но истовремено поттикна и важна јавна расправа за прекумерниот туризам, притисокот врз домувањето, еколошката одржливост и рамнотежата меѓу посетителите и жителите. Шпанската влада презеде мерки за овие прашања и дискусиите продолжуваат. Тие се доказ дека туризмот бара внимателно планирање и постојано приспособување.

Морам да кажам дека мојата перспектива не доаѓа толку од самата туристичка индустрија. Сепак, верувам дека вистинската рамнотежа меѓу квантитетот и квалитетот е и можна и неопходна.

Европа денес се соочува со геополитичка фрагментација, економска неизвесност и сè поголема политичка поларизација. Според Вас, дали европскиот проект во моментов повеќе страда од недостиг на лидерство, визија или политичка храброст?

Факт е дека Европската Унија минува низ еден од најтешките периоди во својата историја. Руската агресија врз Украина, сè поголемата геополитичка конкуренција, економската неизвесност, технолошката преобразба, миграцијата, климатските промени и растечката политичка поларизација создаваат огромен притисок врз европските институции.

Не би рекол дека Европа страда од недостиг на лидерство, визија или политичка храброст. Би рекол дека сите три истовремено се ставени на испит. Мислам дека на Европа најмногу ѝ е потребна способноста долгорочната визија на нејзините основачи да ја претвори во навремено и одлучно дејствување.

Европскиот проект отсекогаш бил многу повеќе од економски или политички аранжман. Тој се заснова врз уверувањето дека соработката е посилна од конфронтацијата, дека заедничките вредности се важни и дека трајниот мир зависи од дијалогот и солидарноста. Тие принципи денес се подеднакво важни како и во времето кога е основана Европската Унија.

Истовремено, историјата нè потсетува дека Европската Унија повеќепати ја покажала својата способност да надминува финансиски, институционални и геополитички кризи. Многу од нејзините најголеми достигнувања произлегле од периоди на неизвесност и криза, кога земјите членки ја избирале долгорочната визија наместо краткорочната политика. Затоа останувам оптимист. Верувам дека Европа има искуство, институции и, пред сè, способност денешните предизвици да ги претвори во можност.

Советувавте двајца премиери за надворешна политика, а сега ја претставувате земјата во странство. Како помалите држави можат да ја зачуваат стратегиската автономија додека се движат меѓу спротивставените интереси на ЕУ, САД, Русија, Кина и Турција?

Една од лекциите што ги научив во текот на кариерата е дека големината е важна, но не мора да го одредува влијанието. Помалите држави можеби ја немаат политичката, економската или воената тежина на големите сили, но можат да стекнат почит преку веродостојност, доследност и принципиелна дипломатија.

За Северна Македонија таа стратегиска ориентација е јасна многу години. Од 1993 година, нашето членство во НАТО и нашата посветеност на членството во Европската Унија ги одразуваат изборите засновани врз нашата долгорочна визија за безбедност, стабилност, демократија и просперитет. [1] Во тие рамки, сепак, продолжуваме да развиваме блиски и конструктивни односи со партнери низ светот, како САД и Обединетото Кралство, со кои имаме стратегиско партнерство, како и со многу други европски земји.

Значи, стратегиска автономија не значи стратегиска изолација. Таа значи јасно разбирање на сопствените национални интереси, доследност на своите вредности и стратегиски приоритети и носење одлуки врз основа на тие принципи.

Верувам, можеби ќе звучам идеалистички, дека помалите држави имаат и една предност што понекогаш се занемарува. Често се во подобра позиција да поврзуваат различни региони и гледишта.

Знаеме дека моќта е важна во меѓународните односи, секако дека е, а важни се и националните интереси. Но за помалите држави веродостојноста може да биде облик на стратегиски капитал. Кога една земја е доследна во своите обврски и јасна во своите стратегиски приоритети, поверојатно е да биде почитувана, дури и кога не може да ги обликува или да влијае врз настаните на меѓународната сцена. Значи, треба да знаете кои сте, да разбирате за што се залагате и да имате самодоверба да ги остварувате своите национални интереси, останувајќи веродостоен и одговорен меѓународен партнер.

Преспанскиот договор често се претставува како дипломатски успех и пример за политичка храброст. Гледајќи неколку години подоцна, дали сметате дека историјата целосно ги награди оние што ги презедоа политичките ризици неопходни за неговото постигнување?

Преспанскиот договор, како што јас го гледам, во многу нешта беше договор sui generis, единствен од свој вид. Произлезе од еден од најдолгите и најсложените билатерални спорови во Европа, спор што траеше речиси три децении и опфаќаше прашања од историјата, идентитетот, политиката и меѓународните односи. Тоа никогаш не можеше да биде лесен договор.

Но би сакал да им погледнеме на фактите во очи и да кажам дека, за македонската страна, Преспанскиот договор ги зачува и ги афирмира македонскиот јазик, македонскиот идентитет и културата, кои се важни идентитетски одредници што долго време беа оспорувани од некои наши соседи. Некои од нив го прават тоа и денес, додека разговараме. Тоа не е ниту во европскиот дух ниту во согласност со вредностите на Европската Унија за заемна почит, добрососедски односи и почитување на идентитетот и достоинството на секој народ.

Дали беше совршен договор? Ниту еден историски компромис не е. По својата природа, таквите договори бараат двете страни да направат тешки отстапки. Затоа гледиштата за Преспа и натаму се разликуваат. Некои ја гледаат како дипломатски успех и храбар пример за лидерство. Други ја гледаат поинаку. Можеби токму тоа ја прави sui generis.

Вистина е дека беа преземени големи политички ризици и дека беше платена значајна политичка цена. Но, како што велат, историјата ретко ја изрекува својата пресуда веднаш. Порано или подоцна, таа наоѓа начин да го препознае тоа.

ОН Туризам го промовира туризмот како двигател на одржливиот развој, но само воздухопловството учествува со сè поголем удел во глобалните емисии. Може ли туристичкиот сектор да продолжи да расте и истовремено навистина да биде усогласен со климатските цели?

Немам многу што да кажам тука. Верувам дека иднината на туризмот не е во изборот меѓу економскиот раст и климатското дејствување, туку во тоа тие меѓусебно да се зајакнуваат. За тоа се потребни инвестиции во иновации, почисти технологии, поодржлив транспорт, одговорно управување со дестинациите и политики што го поттикнуваат квалитетот.

Вештачката интелигенција го преобразува секој сектор, од дипломатијата до планирањето патувања и управувањето со границите. Кои аспекти од меѓународната дипломатија никогаш не треба да им се препуштат на алгоритми, без оглед колку ќе напредне технологијата?

Целосно сум свесен дека вештачката интелигенција веќе го преобразува нашиот свет и начинот на кој живееме и работиме. Го разбирам нејзиниот потенцијал и не се сомневам дека ќе продолжи да менува многу професии. Син ми и ќерка ми често ме задеваат дека не сум особено во тек со најновите технолошки трендови и дека сè уште претпочитам многу работи да ги правам на старомоден начин. Можеби се во право, но од друга страна, сакам некои работи да ги правам на стариот начин. Имаат поинаков шарм.

За мене, дипломатијата во суштина е длабоко човечка професија. Таа не се гради само врз информации или анализи. Се гради врз доверба, расудување, емпатија, интуиција и способност да се разбере не само она што е кажано туку и она што останува неискажано. Затоа, ниту еден алгоритам, колку и да е софистициран, не може целосно да ги замени тие човечки особини.

Шпанија е една од водечките туристички дестинации во светот, а истовремено се соочува со недостапно домување, прекумерен туризам и растечко незадоволство на граѓаните во неколку градови. Кои поуки треба да ги извлечат туристичките дестинации во развој од шпанските успеси и грешки?

Како што веќе реков, Шпанија со право се смета за еден од најголемите примери за успех во туризмот. Таа изгради глобално препознатлив туристички сектор заснован врз исклучително културно наследство, природни убавини, одлична инфраструктура и гостопримство. Без сомнение, Шпанија останува пример за тоа како туризмот може да стане главен двигател на економскиот развој и меѓународната препознатливост.

Но истовремено, одлуките и мерките што се преземаат или треба да се преземат за справување со денешните горливи прашања, како достапноста на домувањето, еколошката одржливост и квалитетот на живот во некои дестинации, го одразуваат предизвикот успехот да се управува на одржлив начин.

Јавната дипломатија сè повеќе се одвива на социјалните мрежи, каде што емотивните пораки често имаат поголем одѕив од анализите што ги земаат предвид нијансите. Дали дипломатијата стана повидлива, но помалку влијателна во обликувањето информирана јавна дебата?

Тоа е светот во кој живееме денес. Социјалните мрежи ги променија перцепциите. Знаете, велат дека ако не ги објавувате своите активности на социјалните мрежи, тоа е како да не си ја работите работата. Како да не постоите. Што, се разбира, не е точно, но таква е перцепцијата.

Социјалните мрежи генерално го преобразија начинот на кој денес комуницираат владите, меѓународните организации и дипломатите. Затоа не би рекол дека дипломатијата станала помалку влијателна, туку повидлива во споредба со пред 20 или 30 години. И тоа за мене е во ред.

Ако Европската Унија го одложи натамошното проширување за уште една деценија, која би била најголемата стратегиска последица, не за Северна Македонија, туку за самата Европа?

Историјата покажала дека стратегиските празнини не остануваат празни. Но од денешна перспектива, во моментов не гледам никаков знак дека Европската Унија сака да го одложи натамошното проширување. Напротив, гледам дека ЕУ е целосно посветена на проширувањето, со уште посилна решеност. Како што знаете, покрај земјите кандидатки од Западен Балкан, сега ги имаме и Украина и Молдавија, кои исто така се земји кандидатки.

Како што веќе реков, верувам дека проширувањето не е чин на великодушност. Тоа е стратегиска инвестиција во сопствената иднина на Европа, во денешниот непредвидлив свет.

Хипотетички, ако тоа се случи, би било стратегиска грешка, а последиците секако би ги почувствувале земјите кандидатки, но не само тие. И самата Европска Унија би ги почувствувала тие последици.

Многу политички лидери зборуваат за отпорност, одржливост и меѓународна соработка. Кој од овие поими, според Вас, најчесто се споменува во дипломатските говори, а најмалку се одразува во владините политики?

Сите три поими во денешниот свет станаа поважни од кога било. Но ако треба да изберам еден, тоа би била меѓународната соработка. Би отишол и чекор понатаму и би рекол дека меѓународната соработка е основата на другите два. Зошто? Затоа што без меѓународна соработка тешко се постигнуваат и отпорност и одржливост.

Големите предизвици на нашето време, климатските промени, миграцијата, глобалното здравје, енергетската безбедност, сајбербезбедноста и меѓународниот мир, не завршуваат на националните граници. Тие бараат земјите, институциите и меѓународните организации да работат заедно, дури и кога некои нивни интереси или политички гледишта се разликуваат.

Знам дека меѓународната соработка често е полесно да се прогласи отколку да се спроведе, но токму тука е вистинскиот тест, дали можеме да најдеме заеднички јазик кога соработката станува тешка.

Човештвото се соочува со радикални промени. Да наведеме само десет, геополитичка нестабилност, климатски промени, економски нееднаквости, технолошки ризици, предизвици во јавното здравје, политичка поларизација, недостиг на ресурси, хуманитарни кризи, дезинформации и нееднаков пристап до здравствена заштита во светот. Ако во една замислена ситуација имавте моќ да решите еден од овие проблеми, кој би го избрале прво и зошто?

Многу тешко прашање. Претпоставувам дека ниту еден од овие предизвици не може да го реши само еден човек, но да, ајде да ја употребиме фантазијата. Во тој случај би ја избрал политичката поларизација.

Доаѓајќи од Западен Балкан, регион што во изминатите четири децении помина низ тешки периоди, видов како политичката поларизација во едно општество може да ги продлабочи поделбите, да поттикне нестабилност и да ги парализира институциите. Кога политичките противници ќе престанат да се гледаат како конкуренти и ќе почнат да се гледаат како непријатели, станува сè потешко да се управува, да се спроведуваат реформи или дури и да се води смислен јавен разговор.

Но да бидеме искрени, тоа не е случај само во земјите од Западен Балкан. Политичката поларизација расте и во многу западни демократии, ја ослабува довербата во институциите, создава поделби во општествата и ја поткопува јавната дебата.

Затоа, во оваа замислена ситуација, би избрал да ја намалам политичката поларизација. Не затоа што е единствениот предизвик со кој се соочуваме, туку затоа што имам чувство дека се наоѓа во сржта на многу други.

Дали некоја книга, филм или уметничко дело значително влијаеле врз начинот на кој го гледате светот или пристапувате кон работата?

Навистина постојат две книги што влијаеле врз мене или барем оставиле траен впечаток, и лично и професионално. Првата е „Соништата на мојот татко“ од Барак Обама, а втората е „Новиот Макијавели“ од Џонатан Пауел. Но ако треба да изберам само една, тоа несомнено би била „Соништата на мојот татко“, бидејќи за мене има повеќе лично значење.

Се сеќавам, беше 2007 година и работев во Амбасадата на САД во Скопје. Во тоа време растеше интересот на јавноста за претстојните американски претседателски избори, како што секогаш се случува, а името Барак Обама штотуку почнуваше да привлекува широко внимание. Кога почнав да ја следам неговата кампања, дознав за мемоарите „Соништата на мојот татко“. Тогаш книгата не можеше лесно да се најде во Скопје, па замолив еден американски колега да ми донесе примерок од САД.

Читањето беше длабоко лично искуство. Додека Обама бараше одговори за својот идентитет, семејството и местото на кое му припаѓа, тоа малку ме вознемири. Ми врати многу спомени и прашања што со години ги носев со себе, но со кои никогаш целосно не сум се соочил или не сум размислувал за нив. Во тие страници препознав нешто од себеси.

Кога ги гледате денешните млади генерации, што Ви дава најголема надеж, а што најмногу Ве загрижува?

Секоја генерација се соочува со сопствени предизвици. Светот во кој денес растат младите суштински се разликува од оној што јас го познавав. Тие се поповрзани, поинформирани и имаат пристап до можности што претходните генерации едвај можеле да ги замислат. Но истовремено, изложени се и на неточни и намерно лажни информации во невидени размери.

Растат во време на постојан прилив на информации, социјални мрежи и непрекинато споредување со другите. Понекогаш се грижам, вклучително и за моите деца, дека имаат премногу информации, а премалку време навистина да размислат за нив, да ги преиспитаат и да ги разликуваат фактите од мислењата.

Сепак, и покрај овие предизвици, верувам дека секоја генерација го наоѓа сопствениот начин да се снајде во светот во кој живее.

Ако можевте да поминете цел ден со која било историска личност, кого би избрале и кои прашања најмногу би сакале да ги поставите?

Би сакал да седнам и да разговарам со неколку историски личности, кога би имал можност, како Џон Ф. Кенеди, Винстон Черчил, Федерико Гарсија Лорка, Рабиндранат Тагоре и Леонард Коен. Но ако треба да седнам само со еден, тоа би бил Ернест Хемингвеј.

Можам да се замислам како седам со него на терасата од неговиот дом во Финка Вихија, гледаме кон морето со пијалак во рацете и едноставно разговараме за животот.

Би го прашал дали Шпанија го променила засекогаш и како Шпанската граѓанска војна го обликувала не само неговото пишување туку и човекот што станал. И, по сè што преживеал, што останува навистина вистинито на самиот крај?

А потоа, можеби, би го поставил најтешкото прашање од сите, зошто избрал да си го одземе животот, оставајќи генерации читатели да се прашуваат за приказните што сè уште можел да ги напише и раскаже? Не знам дали би одговорил на последното прашање. Но ако одговореше…

Ако од Вас побараат да предавате универзитетски предмет што воопшто не е поврзан со дипломатијата или политиката, која област би ја избрале и што би сакале студентите да понесат од него?

Поезија.

Зошто? Бидејќи верувам дека денешниот свет на многу начини ја изгуби својата душа. Опкружени сме со информации, технологија и постојана врева, непрекинато трчаме по нешто, а често забораваме да чувствуваме и да имаме повеќе страст. На светот му треба назад неговата душа. Му треба повеќе поезија.

Не би очекувал секој студент да стане поет, но би сакал повеќе да ја цени поезијата бидејќи, како што би рекол Леонард Коен, „Поезијата е доказ за животот“.

Ако можевте да обезбедите една човечка вредност никогаш да не се изгуби, која би ја избрале?

Светот во кој живееме денес е динамичен и брз. Луѓето се преоптоварени со предизвици на работа, дома и во секојдневниот живот. Сите се соочуваме со тешкотии и, додека се обидуваме да држиме чекор со сето тоа, понекогаш ги губиме од вид вредностите што нè прават луѓе. До одредена мера, тоа е разбирливо.

Затоа, ако можев да обезбедам една човечка вредност никогаш да не се изгуби, тоа би била емпатијата.

Што сметате дека луѓето си должат едни на други, и како поединци и како членови на глобалното општество?

Првото нешто што ми паѓа на ум е почит и сочувство.

Интервјуата често се фокусираат на успесите. Можете ли да споделите нешто од 2025 година што не се одвиваше како што очекувавте и што Ве научи тоа искуство?

Како и во секоја професија и како во самиот живот, не се одвива сè онака како што очекуваме или се надеваме. Не е првпат и секако нема да биде последен. Така учиме и се развиваме.

Знаете, постојат исходи што се резултат на нашите сопствени одлуки и други што се обликувани од околности надвор од нашата контрола. Токму тие често се најтешки за прифаќање, но продолжуваме понатаму.

Имате ли лични или професионални цели за 2026 година што би сакале да ги споделите?

Секако можам да кажам дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Шпанија се на највисоко ниво досега. Комуникацијата меѓу институциите на двете земји драстично се зголеми во последните три години, со билатерални посети и активности во многу области.

Воведени се директни летови меѓу Скопје и Мадрид, и тоа се случува првпат во овие 32 години дипломатски односи меѓу двете земји. Бидејќи влегуваме во втората половина од 2026 година, би сакал да продолжам во истата насока и со истата страст, за да го одржуваме тој напредок.

Кога ги замислувате последните мигови од својот живот, каква вест најмногу би сакале да слушнете и зошто?

Без вести, ве молам. Сум слушнал доволно вести за еден живот. Добри вести, лоши вести, ударни вести… Мислам дека е доволно. Наместо тоа, би сакал некој, за последен пат, да ми ја пушти „Soldier of Fortune“ од „Дип парпл“.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Веќе имате гласано на оваа акента.

Политичките пиромани – партии и лидери што палат поделби за поени 312 (55%)
55 %
Нашето опркужување – граѓаните со лајкување, сеир и молчење 87 (15%)
15 %
Заспаните чувари на правдата – судови и обвинителство без казни за омраза 86 (15%)
15 %
Трговците со кликови – медиуми и инфлуенсери што шират гнев 40 (7%)
7 %
Дигиталните војски – оние што диригираат со ботовите 38 (7%)
7 %

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Веќе имате гласано на оваа акента.

Политичките пиромани – партии и лидери што палат поделби за поени 312 (55%)
55 %
Нашето опркужување – граѓаните со лајкување, сеир и молчење 87 (15%)
15 %
Заспаните чувари на правдата – судови и обвинителство без казни за омраза 86 (15%)
15 %
Трговците со кликови – медиуми и инфлуенсери што шират гнев 40 (7%)
7 %
Дигиталните војски – оние што диригираат со ботовите 38 (7%)
7 %