Припадник на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ се повредил додека управувал мотоцикл во касарната „Илинден“. Со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, потврди Министерството за внатрешни работи.
Настанот бил пријавен на 19 ноември во 14:45 часот. На местото бил извршен увид, а за случајот е известен јавен обвинител.
МВР не објави детали за видот и тежината на повредите, ниту за конкретните околности во кои се случила несреќата. Засега нема дополнителни официјални информации за здравствената состојба на повредениот.
Во истата реакција, Министерството ги отфрли тврдењата за партиски влијанија при организирањето на обуките на единицата. Оттаму наведуваат дека активностите се спроведуваат според утврдени процедури и безбедносни стандарди.
МВР ги демантира и информациите дека околу 30 припадници ја напуштиле единицата, без да објави податоци за нејзиниот бројчан состав.
