Црна Гора подготвува предлог за копнено и морско разграничување со Хрватска кај Превлака, во обид да се придвижи решавањето на долгогодишниот спор. Според подгорички „Вијести“, документот треба наскоро да биде доставен до Загреб, кој веќе испратил свој предлог за границата.
Црногорскиот министер за правда Бојан Божовиќ порача дека Подгорица е подготвена за договор, но не прифаќа еднострано утврдување на граничната линија. Доколку преговорите не дадат резултат, предложи двете држави заеднички да се обратат до меѓународна институција што ќе ја прифатат обете страни.
Разликите повторно предизвикаа остри политички пораки. Министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ изјави дека Црна Гора нема да отстапува територија за напредок кон ЕУ. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ одговори дека Хрватска не бара туѓа територија, но нема да се откаже од својата.
Загреб бара формална потврда на некогашната републичка копнена граница, повикувајќи се на начелата на Бадентеровата комисија. Хрватската страна наведува дека за морското разграничување може да се разговара подоцна.
Превлака се наоѓа на влезот во Бока Которска. Режимот во областа се заснова на привремениот протокол од 2002 година, додека конечната морска граница останува недоговорена.
Спорот е актуелен во завршницата на црногорските преговори со ЕУ. На 19 ноември земјата привремено ги затвори поглавјата за даноци и регионална политика, со што бројот на затворени поглавја достигна 25 од вкупно 33.

