Свирежите пред Владата беа погласни од лелекот на жртвите, конечно состанок за побрзо постапување

владата
ФОТО: Јордан Серафимов – Јоцка

По вчерашната блокада пред Владата на „Ниту една повеќе“ беше објавено дека двајца министри и државниот јавен обвинител договориле мерки за побрзо постапување по пријавите за семејно насилство. Предлог-измените на законот за заштита од насилство врз жените се во Собранието од август.

Кој ќе ја заштити мојата ќерка кога тој ќе излезе од притвор? Тоа беше прашањето што мајката на 21-годишната девојка од Битола го постави во петокот пред Владата. Таа зборуваше за насилството и заканите што, како што рече, нејзината ќерка ги трпела со месеци. На блокадата на булеварот „Илинден“, учесниците со свирежи и со скандирање „Сите за една, една за сите“ побараа заштита за жените и одговорност за институционалните пропусти.

По блокадата, државниот јавен обвинител Ненад Савески и министрите Панче Тошковски и Ѓоко Велковски договориле мерки за побрза реакција во случаите на семејно насилство. Работниот состанок се одржал истиот ден во Јавното обвинителство. Во официјалното соопштение не е наведено во колку часот се одржал или кога бил закажан.

„Ниту една повеќе“ и на 8 ноември излезе со барање за институционална одговорност. Дванаесет дена подоцна, истото барање повторно се слушна пред Владата, овојпат со блокада. По повеќе од две години на власт, Владата веќе имаше време да воспостави постапка во која секоја институција знае што треба да направи веднаш штом жена ќе пријави насилство.

Предлог-измените се во Собранието од август

Предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се поднесени во Собранието на 26 август по скратена постапка. Речиси три месеци подоцна, расправата сè уште не почнала.

Што договорија институциите

Според договореното, МВР веднаш по приемот на пријава за семејно насилство ќе го известува надлежниот јавен обвинител. Обвинителот ќе ја координира работата на полициските инспектори и на стручните лица од центрите за социјална работа. Предвидени се итно вештачење за утврдување повреди, процена на ризикот и прибирање докази. Трите институции ќе определат и лица за контакт што ќе бидат постојано достапни за координација и итни насоки.

Дали блоката пред Владата беше погласна од лелекот на жртвите?

Уште во март, Тошковски најави брзи законски измени за поефикасна заштита на жртвите. Сега институциите договорија и конкретни чекори по приемот на пријавата. За жените што пријавуваат насилство, ефектот ќе се мери во часовите до процената на ризикот и во заштитата што ќе ја добијат додека опасноста сè уште трае.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?