Со силни емотивни изливи на гнев и протест започна блокадата „Ниту една повеќе“ пред владата на Македонија, во оранизација на повеќе организации за заштита од родово и семејно насилство.
Со скандирања „Сите за една, една за сите“, „Жени, живот, слобода“ и пораки дека нема да престанат да бараат правда, беа испратени порака за барање одговорност.
На блокадата беа истакнати паролите „Системот заборава ние не“, „Кој ви даде право да не убивате?“, „Тагата е наша, вината е ваша“, „Мал престап жени убива, брат“.

На блокадата говореа и мајки не девојките и жените жртви на насилство кои побараа да бидат заштитени нивните ќерки.
На протестот се обрати мајката на Мицевска од Битола, која зборуваше за насилството низ кое поминувала нејзината ќерка и за институционалната заштита што, според неа, изостанала.
„Бараме да ги заштите нашите деца. Натрапниците да бидат затворени. Осум дена притвор за тепано чупе, тепано повеќе од една година“, повика мајка на девојка жртва на наислство од Битола.

Таа ги повика МВР и обвинителството да преземат итни мерки насилството да престане, а насилниците да одговараат пред институциите.
Таа праша зошто полицијата е присутна пред Владата, а нејзината ќерка не добила соодветна заштита. Посочи дека во текот на една година постоеле пораки и видеоматеријали поврзани со случајот, а сега, како што рече, лицето кое го пријавува за насилство сака да ја тужи и нејзината ќерка за насилство.
„Јас знаев за ќерка ми и ѝ велев да не го трпи. Конечно се реши и ќе ја истерам работата до крај“, порача мајката, апелирајќи до жените да не трпат насилство и да не молчат.
Присутните ја исвиркаа Владата, а со скандирањето „Нема да нè снема“ порачаа дека нема да се откажат од барањата за правда и одговорност.

Дел од блокадата е и симболичната акција пред владината зграда, каде што ќе биде поставено платно со натпис „Женски надзор“. На него присутните оставаат пораки, како знак на поддршка и солидарност додека ечеше „Не сте свесни колку сме бесни“.
Протестот е продолжение на граѓанските реакции против насилството врз жените и барањата институциите да преземат одговорност за своето постапување во случаите на родово базирано насилство.
Учесниците на блокадата на лице место испишаа пораки кои произлегуваат од нивните барања испорачани во рамите на кампањата „16 денови активизам“.

