Генерален штрајк и студентски протести ја парализираа Италија

Фото: EPA/MATTEO CORNER

Илјадници студенти и работници излегоа на протести низ цела Италија, откако најголемиот синдикат во земјата, ЦГИЛ (CGIL), организираше генерален штрајк против економските политики на премиерката Џорџа Мелони. Демонстрантите бараат повисоки плати, заштита на куповната моќ и поголеми вложувања во јавните услуги, вклучувајќи ги образованието и здравството.

Прекинот на работата во организација на ЦГИЛ опфаќа цел работен ден и вклучува вработени во приватниот и во јавниот сектор, меѓу кои се училиштата и здравствените установи. Посебни штрајкувачки акции најавија и други синдикални организации, како што е синдикатот Кобас (Cobas), додека студентски собири беа организирани во повеќе градови низ државата.

Воздушниот и железничкиот сообраќај се изземени од овој генерален штрајк, а влијанието врз локалниот јавен превоз е ограничено поради законските обврски за одржување минимум на процесот на работа. Сепак, посебен штрајк во железничкиот сектор започнува во 21:00 часот по локално време и ќе трае до сабота во 20:00 часот.

Протестите се одржуваат во период кога италијанскиот Парламент го разгледува предлог-буџетот на владата на Мелони за 2027 година во висина од 26 милијарди евра. Според оценките на синдикатот ЦГИЛ, овој буџет не обезбедува доволна поддршка за приходите на граѓаните и за функционирањето на јавните служби. Италијанскиот финансиски весник „Италија Оџи“ (ItaliaOggi) објави дека само мал дел од предвидените средства се насочени кон младите лица под 35 години.

Лидерот на ЦГИЛ, Маурицио Ландини, изјави дека граѓаните се соочуваат со основни егзистенцијални проблеми и едвај врзуваат крај со крај, поради што им се потребни повисоки плати, функционално здравство и квалитетни училишта. Тој оцени дека актуелниот предлог-буџет не решава ниту едно од овие прашања и додаде дека низ цела Европа расте барањето за промени меѓу обичните луѓе и младите генерации. Синдикатот бара зголемување на платите и обновување на колективните договори за да се надомести загубената куповна моќ од инфлацијата, целосно усогласување на пензиите, како и мерки за спречување на зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

Од друга страна, министерот за индустрија Адолфо Урсо за телевизијата Скај ТГ24 (Sky TG24) изјави дека генералниот штрајк на ЦГИЛ е превентивен, бидејќи Ландини го свикал пред воопшто да ја знае содржината на буџетот. Урсо нагласи дека има голема почит за оние што протестираат, како и за оние што поднеле амандмани во Парламентот, каде што буџетот дополнително ќе биде подобрен.

Демонстрациите во Италија се надоврзуваат на националната мобилизација од 30 октомври, кога илјадници студенти им се придружија на работниците во штрајк со барања за поголемо финансирање на образованието и олеснување на високите трошоци за живот и домување. Оттогаш студентските групи продолжија со протести и блокади на училиштата и универзитетите, при што како едно од главните барања се издвои и противењето на зголемувањето на воените трошоци.

Дваесет и четиригодишната студентка Лаура Периторе изјави дека младите живеат под влада која постепено ги крати средствата за здравство и образование. Таа порача дека студентите нема да отстапат и дека ќе се борат за својата иднина. Италијанските протести се совпаѓаат со поширок бран на младинска мобилизација низ Европа, со најавени студентски демонстрации против зголемените трошоци за живот и воените буџети и во Германија, Франција, Велика Британија, Австрија и Белгија. Протестите доаѓаат во пресрет на парламентарните избори во Италија, закажани за 2027 година.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?