м.Услуги ја покажува возачката без активната забрана за возење

фото: Министерство за дигитална трансформација

Три недели по промоцијата со голема помпа, Рацин.мк утврди дека „м.Услуги“ ја прикажува возачката дозвола на лице со активна забрана за управување со моторно возило, а во апликацијата никаде не е наведено дека има забрана во сила.

На 28 октомври, Министерството за дигитална трансформација ја промовираше апликацијата со личната карта и возачката дозвола на телефон како главни адути. Министерот Стефан Андоновски во живо покажа како ја додава својата лична карта во дигиталниот паричник. Веќе следниот ден, Андоновски потврди дека за полицијата да ги прифаќа дигиталните документи се потребни законски измени. При полициска контрола граѓаните и натаму мора да ги покажуваат пластичните документи.

Дали м.Услуги ги презема податоците за забраните од МВР?

Случајот со возачката отвора прашање и за поврзаноста на системите. Дали „м.Услуги“ од евиденцијата на МВР ги презема и податоците за активните забрани за управување? Ако ги презема, зошто забраната не се гледа во апликацијата? Во случајот што го провери Рацин.мк, од приказот на возачката дозвола не може да се утврди дека на лицето во тој момент му е забрането да вози.

Андоновски по промоцијата посочи и дека системите на институциите сè уште не се приспособени за проверка на електронските документи. Законските измени треба да уредат кога полицијата може да ги прифати документите од телефонот. За сообраќајната контрола останува и практичното прашање како полицаецот ќе го провери актуелниот статус на возачот.

На промоцијата беше покажано како документот се додава на телефон. Три недели подоцна, неговата употреба пред полицијата останува на „ќе“, а во случајот што го провери Рацин.мк, дигиталната возачка се прикажува без активната забрана за возење.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?