Македонија доби дигитална лична карта, но граѓаните и понатаму мора да ја носат пластичната во џеб. Новата мобилна апликација „м.Услуги“ беше промовирана како значаен чекор во дигитализацијата, но само еден ден по нејзиното претставување стана јасно дека институциите сè уште не се подготвени да ги признаваат дигиталните документи при легитимирање. Така, личната карта на телефонот засега е повеќе демонстрација на технолошки напредок отколку вистинска замена за физичкиот документ.
Министерството за дигитална трансформација ја претстави апликацијата „м.Услуги“, преку која граѓаните можат да пристапат до електронска верзија на личната карта, возачката дозвола и одредени административни документи. Но, дигиталната лична карта засега не може да се користи при полициска контрола.
Ова го потврди и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој објасни дека полицијата сè уште нема технички систем за проверка на валидноста на дигиталните документи.
Тоа значи дека граѓанин кој ја има личната карта во телефонот и понатаму мора да ја покаже физичката верзија доколку полицијата побара идентификација.
За дигиталните документи да добијат поширока практична примена, институциите ќе треба да ги приспособат своите системи, а ќе бидат потребни и измени на подзаконските акти што ја регулираат употребата на личните документи.
Иако дигиталниот паричник има законска основа во прописите за електронски документи и електронска идентификација, неговото воведување не значи и автоматско признавање на дигиталните документи во секојдневната комуникација со институциите.
Апликацијата е достапна за корисниците на Android и iOS и е бесплатна. Нејзиното користење не е задолжително, а граѓаните можат да продолжат да ги користат постојните начини за добивање јавни услуги.
Во почетната фаза, покрај дигиталните лични документи, преку апликацијата се овозможува пристап до административни податоци и документи, меѓу кои и обрасците М1, М2 и М4.
Министерството најавува постепено проширување на функционалностите, вклучително и електронско плаќање административни такси и поврзување со дополнителни институции.
Планот е до декември 2027 година Македонија да се приближи до европскиот систем за дигитален идентитет, кој треба да овозможи поширока употреба на електронските документи и прекугранична идентификација.
Но, додека институциите не обезбедат услови за нивно признавање, дигиталната лична карта ќе остане дополнителна можност, а не замена за физичкиот документ.
Граѓаните добија лична карта во телефонот, но за легитимирање и понатаму ќе мора да посегнат по пластичната.
Рацин уште вчера го отвори прашањето за практичната употреба на дигиталните документи, посочувајќи дека граѓаните треба да проверат дали институцијата пред која сакаат да се идентификуваат ја прифаќа електронската верзија. Денес станува јасно дека дигитализацијата на документите не значи и нивно автоматско признавање, а пластичната лична карта и понатаму останува неопходна за легитимирање.

