Илјадници граѓани вчера излегоа на улиците на Приштина во знак на протест по бруталното убиство на 49-годишната Арлинда Зекај, која беше убиена со секира во близина на Пеќ. Само три дена пред убиството таа писмено предупредила дека нејзиниот живот е загрозен. Демонстрантите побараа одговорност од институциите, обвинувајќи ги дека не успеале да заштитат жена која повеќепати пријавувала семејно насилство.
„Молчењето го штити насилникот, не жртвата“ и „Државата има крв на рацете“ беа дел од пораките на протестот одржан на 28 октомври во косовската престолнина. Граѓаните маршираа низ центарот на Приштина, барајќи убиствата на жени да се третираат како национална итност, а институциите да одговараат за пропустите во заштитата на жртвите на насилство.
Арлинда Зекај беше убиена на 25 октомври, а за злосторството е осомничен нејзиниот девер. Според објавените информации, таа претходно повеќепати пријавувала семејно насилство и предупредувала дека се плаши за својот живот.
На денот на убиството повторно побарала полициска помош. Нејзиниот поранешен сопруг бил приведен, а полицијата ја придружувала до домот. Само неколку часа подоцна била убиена.
Токму овие околности предизвикаа силен револт во косовската јавност. Демонстрантите побараа одговор зошто пријавите и предупредувањата не биле доволни за да се спречи трагедијата.
На протестот учествуваа и членови на семејството на Арлинда, меѓу кои и нејзините сестри. Учесниците носеа транспаренти со пораки против насилството врз жените, а во знак на протест беа фрлани црвена боја и димни средства.
Демонстрантите побараа оставки од министерката за правда Доника Грвала и министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља, оценувајќи дека институционалната одговорност не смее да заврши со соопштенија и осуди по секое ново убиство.
Според податоците објавени во косовските медиуми, Арлинда е осмата жена убиена во Косово од почетокот на годинава, додека од 2010 година се регистрирани најмалку 67 убиства на жени.
Косовскиот премиер Албин Курти призна дека во случајот имало системски пропусти и побара детални извештаи од надлежните институции до 29 октомври во 18 часот.
Организаторите најавија продолжување на протестите и денеска, со барање насилството врз жените да се третира како национална итност.
Убиството на Арлинда Зекај повторно го отвори проблемот со институционалната заштита на жените во Косово, особено во случаите кога насилството е претходно пријавено, а заканите по животот се документирани.

