Илија Димоски – Шаторо, првиот претседател на Општинското собрание на Прилеп во плуралистичкиот демократски период, е добитник на наградата за животно дело „3 Ноември“, која се доделува по повод Денот на ослободувањето на градот.
Одлуката ја донесе Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници, а имињата на добитниците ги соопшти претседателот на Комисијата, советникот Христијан Тунески.
Покрај наградата за животно дело, годинава ќе бидат доделени четири плакети на институции, организации и компании, како и осум дипломи за поединци кои постигнале значајни резултати во науката, образованието, спортот, културата и уметноста.
Плакети „3 Ноември“ добиваат:
- Црковниот хор при црквата „Св. Петка“, за придонесот во духовниот и богослужбениот живот.
- Винаријата „Сарика“, за производство на автентично вино и развој на лозарството.
- НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп, по повод 65 години од постоењето на Меморијалниот музеј „11 Октомври“.
- „Витаминка“, по повод 70 години постоење.
Дипломите „3 Ноември“ ќе им бидат доделени на:
- Никола Здравески, за освоените златен и сребрен медал на Светската олимпијада по географија.
- Кирил Петрески, постхумно, за долгогодишниот придонес како драматург и режисер во Театарот „Војдан Чернодрински“.
- Благица Чатлеска, наставничка по англиски јазик во ООУ „Гоце Делчев“, прогласена за најдобар просветен работник во Македонија.
- Димитар Димитриоски, ракометар и најдобар стрелец во македонската Ракометна суперлига.
- Стефче Стојковски, музички уметник и чувар на македонскиот фолклор.
- Матеј Белистојаноски, светски и европски првак во карате во својата категорија.
- Проф. д-р Антонио Јакимовски, за високи достигнувања во областа на археологијата.
- Марјан Стојаноски, академски уметник и скулптор.
Наградите ќе бидат врачени на 3 ноември, на свечената седница по повод Денот на ослободувањето на Прилеп.

