Опозициската СДСМ ја обвини Левица дека ги продлабочува политичките врски со Русија, откако лидерот на партијата, Димитар Апасиев, се сретнал со Генадиј Зјуганов, претседател на Комунистичката партија на Руската Федерација.
Во соопштението, СДСМ наведува дека на средбата било договорено продлабочување на соработката меѓу двете партии. Опозициската партија ја оценува средбата како потврда за, како што тврди, проруската ориентација на Левица.
„Нема повеќе маски. Нема ‘автентична левица’. Има средба со шефот на руската партија што ја поддржува војната, што ги брани интересите на Кремљ и што работи против НАТО и ЕУ“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Од партијата оценуваат дека ваквата соработка е во спротивност со евроатлантската ориентација на Македонија, која е членка на НАТО и има стратешко партнерство со САД.
СДСМ ја критикува Левица и за нејзиниот однос кон социјалните прашања. Во соопштението потсетува дека пратениците на Левица не гласале за зголемување на минималната плата, обвинувајќи ја партијата дека нејзините постапки се во спротивност со заложбите за работничките права.
„Партија што се колне во работнички права, а излегува од собраниската сала кога се гласа за повисока плата“, наведува СДСМ.
Во реакцијата, опозициската партија ја обвинува Левица и за политичко приближување до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ја „Спутник на Мицкоски“.
СДСМ порачува дека не учествува во ваквата политичка соработка и дека иднината на Македонија ја гледа во Европската Унија и во владеење на правото.

