Изворот на реката Вардар во с. Вруток, кај Гостивар
Реките, езерата и подземните води во сливот на реката вардар обезбедуваат широк спектар на услуги поврзани со екосистемите, вклучително и непроценливи ресурси неопходни за заштита на јавното здравје, поддршка на економските активности и зачувување на природните живеалишта.
Заштитата на овие води е од суштинско значење за благосостојбата на луѓето, одржливиот економски развој и зачувувањето на биодиверзитетот.
Тоа е и една од целите на Програмата за управување, користење и заштита на водите што во Северна Македонија се спроведува со поддршка на Владата на Швајцарија.
Програмата помага да се идентификуваат прашањата од најголема важност и да се обликуваат реални, ефикасни решенија за управување со водните ресурси во сливот на реката вардар, на правичен, одржлив и транспарентен начин.
За да ви презентираме дел од суштината на оваа програма за води, како што популарно се нарекува, снимивме серијал од 4 епизоди кој го нарековме – Градовите на вардар.
Секоја од епизодите имаше свој фокус. Своја тема. Епизодата за Скопје е посветена на пречистителните станици. Во Велес говоревме за индустриското загадување на водите, а епизодата во Гевгелија е посветена на неопходноста од чисти води за земјоделието.
Овде во Вруток, на изворот на Вардар, кај Гостивар тргнуваме со тезета дека водата мора да ја чуваме и таму каде што извира, но и на патот до нашите домови.
Изворот на Вардар во Вруток, е всушност, местото на кое извираат водите од Шар Планина кои понираат ни карстните предели од височина од 1400 до 2000 метри.
Тоа ги прави водите на изворот Вруток, изворот на реката Вардар, со супериорен квалитет од прва класа според физичко-хемиските карактеристики. Водата на самиот извор е кристално чиста, исклучително студена и претставува еден од најважните и најчистите природни ресурси во Македонија.
Професор Игор Пешевски, од Катедрата за геотехника од Градежниот факултет на УКИМ, говори за карактеристиките на изворот и за неговата издашност.
Оваа вода којашто паѓа од дождовите и којашто се топи од снегот, одреден дел од истата се инфилтрира во подземјето, патува низ карпестите маси коишто се карактеризираат со пукнатини, канали и празни простори и на хидрогеолошки поволно место излегуваат на лицето на површината на земјата во вид на таканаречен извор.Изворот Вруток се карактеризира со издашност, односно количество на вода коешто варира во интервал од нула пет до пет метри кубни во секунда. Варијацијата се јавува како резултат на повеќе фактори, значи количество на паднати врнежи, количество на стопен снег во зависност од периодот којшто го разгледуваме.
Професор Игор Пешевски, од Катедрата за геотехника од Градежниот факултет на УКИМ
Иако на самиот извор квалитетот е од прва класа, веднаш по изворот, кај првите населени места, кај селото Форино, на пример, поради човечки фактор и фрлање отпад, квалитетот на водата драстично опаѓа.
Бидејќи овој карстен извор директно го снабдува со вода за пиење и градскиот водовод во Гостивар, во текот на летото во 2026 година, се појавија сериозни предизвици со безбедноста на дистрибутивната мрежа.
За заканите за реката Вардар разговаравме со Проф. д-р Златко Левков од Институт за билогија на УКИМ.
Заканите за река Вaрдар се од повеќе аспекти. Првиот аспект ни е загадувањето, односно испуштање на непречистени, непречистени комунални отпадни води, како од руралната средина, така и од градските средини, значи вклучувајќи тука и градот Гостивар и градот Тетово.Од друга страна, имаме загадување кое е предизвикано од црн комунален отпад кој масовно и многу често се исфрла во самите реки или на крајбрежјето од реките, со надеж дека народот смета дека ако се исфрли во реката, дека истиот ќе биде однесен и нема да биде присутен на местото на исфрлање.Третата работа е имаме сепак земјоделско земјиште кое што често пати се користат голем број на различни хемиски супстанции, почнувајќи од минерални ѓубрива и особено нешто што многу значајно е користењето на пестициди.
И на крајот екстракцијата на вода, особено во погорните текови, каде што имаме екстракција на вода за човечки потреби, односно како вода за пиење, а во подолните текови имаме често пати екстракција за наводнување.
Проф. д-р Златко Левков од Институт за билогија на УКИМ
Заштитните зони околу Вруток
Во 2018 година, Владата на Северна Македонија донесе одлука за воспоставување на три заштитни зони за изворот Вруток. Од тогаш надлежноста за управување сом изворот, со овие заштитни зони, е во надлежност на Општина Гостивар.
Од општината не порекнуваат дека се соочуваат со одредени, наследени предизвици, но велат дека прават сѐ мерките во одлуката за воспоставување на заштитни зони да се спроведуваат така како што се утврдени.
Зуди Џелили, Раководител на сектор за животна средина во Општина Гостивар говори за тие мерки.
Зуди Џелили, Раководител на сектор за животна средина во Општина Гостивар
Сметаме дека можеме да помогнеме околу изградба на пречистителни станици. Можеме да делуваме, односно да ја предупредуваме местната индустрија, посебно прехрамбената и хемиската индустрија, да изградат сопствени системи за пречистување на водата пред да ја испуштат во река. Можеме исто така да ги преку инспекциските служби, да ги следиме сите тие инсталации кои се без дозвола и кои испуштат вода во реката. Исто така може општините треба да ги одржуваат речните корита и нивното чистење за да се намали загадувањето на водата.
Левков:Вaрдар започнува да се загадува уште од самиот почеток
Професор Левков укажува на еден поразителен факт. Вaрдар започнува да се загадува уште од самиот почеток.
Секоја река во основа би требало да биде најчиста во изворишниот регион. Податоците што ги имаме како резултат на долгогодишни анализи, велат дека река Вaрдар започнува да се загадува уште од самиот почеток. Дополнително е тоа што во текот на шеесеттите педесеттите години биле користени и голем број на пестициди во тој регион. Нивните остатоци сè уште ги наоѓаме во водата уште во изворишниот дел од река Вардар, а тие супстанции веројатно ќе продолжаат да егзистираат уште еден полу временски период. Тоа значи дека река Вардар уште од самиот почеток, од самиот извор е во една загрозена состојба, па сè до излезот од територијата на Република Македонија.
Левков говори и за тоа како ова загадување влијае на живиот свет во реката.
Сето тоа доведува до намалување на популациите на на на осетливите видови, но на нивно место, бидејќи има доволен простор и доволно храна се развиваат видови кои се толерантни отпорни, но во таков случај бројот на видови драматично се намалува. Во екстремни случаи сме ги имале такви по течнието на река Вардар, каде што имаме комплетно отсуство на жив свет во реката, вклучувајќи и бактерии кои што ги сметаме како најотпорни организми воопшто во целиот жив свет.
Сите засегнати институции и организации на локално и на национално ниво, вклучени во Програмата за управување, користење и заштита на водите, имаат свои погледи за излезни решенија. Како да се намалат штетите и како да се гледа во перспектива на прашањето за управување, користење и заштита на водите.
Берат Азизи, претседател на НВО Ренесанса од Тетово, говори за учеството на граѓанските организации во програмата.
Берат Азизи, претседател на НВО Ренесанса од Тетово
Програмата за води на швајцарската влада што се имплементира во Северна Македонија е многу важна, бидејќи ова прва програма со што се прави анализа за еден проект што го опфаќа целиот слив на реката Вардар. Според анализата од терен и од средбите со локалното население, треба и они да се вклучуваат поактивно и да преземаме мерки понатаму да не се фрла ѓубре, смет, отпад во нашите реки. Бидејќи сега целиот свет зборува за климатските промени. Ако ние не преземаме мерки однапред, треба да знаеме дека ќе имаме многу проблеми, бидејќи однапред проблемите можеш да ги стопираш. Ние треба сега да имаме некоја акција, да ги исчистиме реките по селата, по градовите, по целиот слив на реката Вардар.
Инајќи го сето ова предвид, повторно му се навраќаме на професорот Пешевски од Градежниот факултет со прашање за важноста на грижата за изворот на реката Вардар.
Изворот Вруток е многу важен за реката Вардар. Во суштина од него зависи судбината на самата река, многу е битно од аспект на постојаноста на изворот и понатамошно негово зачувување да ги почитуваме воспоставените заштитни зони околу истиот. Да внимаваме како ќе го користиме поширокиот предел, поширокиот терен којшто е во овој дел од Македонија и сето тоа да го контролираме со соодветен мониторинг и да превземаме соодветни мерки зависно од состојбата на квалитетот и квантитетот на подземната вода.
Професор Левков, пак, укажува на мерките што треба да бидат преземени за да не биде премногу доцна.
Во основа, доколку се преземат мерки за намалување на внесот на комунален отпад и индустриски отпад, реката има способност да се самата пречисти, но сепак и тој процес е релативно долг. Значи, ние не можеме да очекуваме дека ако денеска прекинеме со испуштање, дека веќе од утре реката ќе биде во една нормална состојба, туку сепак би требало да помине извесен период, во зависност повторно од количината на вода, од количината на од интензитетот во минатото, на тој на тоа загадување, на тоа влијание. Но, сепак, постојат бројни примери во светот каде што, доколку се преземаат мерки, дека речните екосистеми се враќаат повторно во една нормална природна средина.
Кај Форино, село во близина на Гостивар завршува приказната за чист Вардар. Гостивар сѐ уште нема пречистителна станица, во Тетово е во изградба пречистителната станица, а реката поминува низ Полошкиот регион, каде што е изложена на сите ризици за коишто говориме во оваа репортажа.
И важно е да се каже дека Програмата за управување, користење и заштита на водите е основата на Планот за управување со речниот слив на Вардар, кој треба да се усогласи со регултаивата на ЕУ.
И не е важна толку регулативата на ЕУ, важна е во процесот на зачленување на нашата земја во Европската Унија, но многу поважно е заштитата на здравата животна средина за нас, за нашите идни поколенија.