„Да се бориме за нашата иднина, а не за нивните војни“: Младите во Европа денеска излегуваат на меѓународен штрајк

за нашата иднина

Студентски и младински организации од повеќе европски земји денеска излегуваат на меѓународен студентски и младински штрајк под мотото „Fight for Our Future, Not Their Wars“ („Да се бориме за нашата иднина, а не за нивните војни“). Иницијативата е насочена против милитаризацијата, зголемувањето на воените трошоци и политиките на штедење за кои организаторите сметаат дека ги ставаат во втор план образованието, здравството, домувањето и јавните услуги.

Според соопштението на коалицијата, студентски организации од Германија, Англија, Италија, Португалија, Белгија, Шпанија, Франција, Хрватска и Швајцарија подготвуваат координирани напуштања на наставата, демонстрации, собири на кампусите и други јавни активности. Синдикатите и општествените движења се повикани да се приклучат со свои активности во периодот од 20 до 22 ноември.

Организаторите предупредуваат дека европските влади издвојуваат сè поголеми средства за вооружување и воени капацитети, додека, според нивната оценка, социјалните потреби на младите остануваат запоставени. Тие посочуваат и на сè поголемото присуство на воените структури во образованието преку регрутирање, истражувања финансирани од одбранбениот сектор и соработки со воената индустрија.

Иницијативата бара запирање на милитаризацијата и повторното вооружување, укинување на сите форми на задолжителна воена служба и пренасочување на средствата кон социјалната заштита, јавното образование, здравството и младите. Во повикот се вклучени и барања за климатска и социјална правда, заштита на демократските права и солидарност со угнетените народи.

Коалицијата ја поврзува борбата против војните со пошироките општествени проблеми, меѓу кои климатската криза, растечките трошоци за живот, авторитаризмот и ограничувањето на граѓанските слободи. Според организаторите, акциите на 20 ноември треба да бидат почеток на пошироко меѓународно младинско движење против милитаризмот.

Во соопштението се повикуваат студентските организации, младинските групи и училишните и универзитетските колективи низ Европа да го поддржат повикот и да организираат национални и локални активности.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?