Отпушок од цигара предизвика пожар на одделението за ортопедија во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Болничкиот персонал веднаш ги евакуирал пациентите, а пожарот е изгаснат без повредени лица.
Пожарот избувнал во внатрешна просторија на одделението за ортопедија, по што лекарите и болничарите веднаш започнале со евакуација на пациентите. Според сведоштва на очевидци, на седмиот кат на болничката зграда гореле и инвалидски колички на балконот.
На терен интервенирала скопската противпожарна бригада, чии екипи го локализирале и изгаснале огнот. Командирот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Звонко Томески, потврди дека интервенцијата е завршена и дека биле зафатени инвалидски колички.
Директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски, изјави за „Скопје1“ дека ситуацијата е ставена под контрола и дека нема опасност за хоспитализираните лица и вработените.
„Ништо сериозно, направена е евакуација веднаш. Од неодговорен човечки фактор, отпушок од цигара, е предизвикана оваа ситуација. Утврдуваме фактичка состојба во моментов, но нема никаков ризик ниту за пациентите ниту за персоналот“, рече Стојаноски.
Надлежните служби во болницата ја утврдуваат фактичката состојба и околностите под кои настанал инцидентот.

