Ова е текст за грешките што сме ги правеле со сопствената историја и повик да го спасиме она што сè уште го имаме. Во архивите на Македонското радио и Македонската телевизија се зачувани гласови, песни и сведоштва за тоа како сме живееле. Некои од тие снимки можеби постојат само на една лента. Ако таа пропадне или веќе нема на што да се пушти, со неа исчезнува и дел од нашата историја.
Ова се истакнува во текстот што порталот Арно.мк го објави денеска и што Рацин.мк го пренесува целосно заради исклучителната важност и итноста на зачувување на архивата на Македонската телевизија.
Затоа ова е повик до МРТ, до надлежните институции и до колегите од другите медиуми да се вклучат во зачувувањето на снимките. Додека сè уште можеме да ги чуеме тие гласови, имаме можност да ги сочуваме.
Што се случува со снимките што преживеале? Разговор со Атанас Бабалески
Додека го пишував „Системот ‘пиши-бриши’“, ме интересираше што сме изгубиле во времето кога врз старите телевизиски ленти се снимала нова програма. По објавата му пишав на Атанас Бабалески, музички продуцент и тонски инженер кој работел во Македонското радио. Магистрирал во областа на сонологијата, ја изучувал дигитализацијата, а работата го однела и во Бугарското национално радио. Кога го прашав за нашите архиви, ми раскажа што самиот наоѓал во фонотеката.
Сведоштвото на Бабалески е фасцинантно. Кога ќе помислам колку лесно можеме да го изгубиме сопственото културно наследство, ми станува јасно колку сме задоцниле. Како што би рекле Американците, нè чека a rude awakening.

„Замислете сум наоѓал ленти на пример од 1955 година каде што се снимени луѓе стари по 80-90 години“, ми напиша. „Сведочат за своето време, песни пеат, приказни раскажуваат.“ Луѓето што седнале пред микрофонот во педесеттите биле родени во XIX век. „Кое богатство е тоа“, вели Атанас. А колкумина од нас воопшто знаат дека тие снимки постојат?
Тој претпоставува дека добар дел од снимките досега се сочувале благодарение на квалитетот на лентите. Колкав е тој дел, тешко е да се каже. Според него, Радиото нема целосен попис од кој би се видело колку материјал има и во каква состојба е. А кој би го направил преносот? Според неговите последни сознанија, во архивата имало еден вработен пред пензија. Кога ми пишуваше, не знаеше дали во меѓувреме и тој си заминал. „Како што одеа во пензија не вработија никој“, вели. Точната состојба денес треба да ја потврди МРТ. Атанас предупредува дека со несоодветна опрема и без луѓе што знаат да ракуваат со неа, можеме да ја оштетиме токму снимката што се обидуваме да ја спасиме.
За него тоа е и лично. „Мене многу ми е жал за таа архива затоа што тоа ми е професија и плус сум сентиментално поврзан со Радиото затоа што таму поминав убав работен период.“ Од сè што ми напиша, најмногу ме погоди оваа реченица.
„Не можеме да ги станеме од гроб луѓето и да преснимаат.“
Што знаеме за архивите на МРТ и што се планира со нив?
Петгодишната стратегија на МРТ дава еден постар пресек. Во неа МРТ наведува дека тогаш биле дигитализирани околу пет проценти од радиофонотеката, во делот на радиодрамите, и околу десет проценти од телевизиската архива. Истиот документ бележи 2.054 студиски ленти со радиодрами. Бабалески се сеќава дека меѓу нив наишол и на детска радиодрама снимена во 1956 година. За него таа е пример за тоа колку рано во Македонското радио се создавале дела што вреди да се чујат и денес.
Во Годишната програма на МРТ за 2027 година и придружниот финансиски план, објавени на 12 ноември 2026, ставката за дигитализација на технолошкиот процес и архивата е предвидена како инвестиција за 2028–2029, без наведен износ за 2027 во таа ставка. За 2027 се предвидени подготвителни постапки. Бараме во таа година да почне и стручен пренос на најзагрозените снимки. Според насоките на Меѓународната асоцијација на звучни и аудиовизуелни архиви (IASA), приоритет имаат и форматите за кои исчезнува опремата за репродукција. Лентата може да изгледа здрава, а веќе да нема исправен апарат на кој може да се пушти.
Во нацрт-акцискиот план за развој на културата има општи мерки за дигитализација, а планот за заштита и користење на културното наследство изречно ги спомнува аудиовизуелните и фонотечните добра. Архивите на Македонското радио и Македонската телевизија сè уште немаат своја мерка во овие нацрти. Затоа бараме тие да бидат изречно опфатени, со одговорен носител, буџет и рок за пренос на најзагрозените снимки.

Што останало од првиот обид за дигитализација?
На почетокот на 2000-тите, вели Бабалески, во Радиото се обиделе да почнат со дигитализација. Тој ја поздравува иницијативата, но вели дека снимките биле пренесувани во MP3, главниот носач бил CD, а документацијата за лентите не била внесена во база поврзана со снимките. Кој пее, кој зборува, кој снимал и кога е направена снимката се податоци што треба да можат да се најдат заедно со аудиото.
Техничките насоки на IASA препорачуваат при пренос од аналоген оригинал да се избегнува компресија со загуби како MP3 за архивската копија. Американскиот национален архив предупредува дека оптичките дискови се предизвик за долгорочно чување и дека оштетувањата може да го отежнат нивното читање. MP3-копиите и дисковите што веќе постојат треба да се попишат, проверат и зачуваат. За некои снимки можеби токму тие се единствената преостаната копија.
Бабалески пренесува што му раскажал еден колега што учествувал во преносот. Имало ленти во толку лоша состојба што почнувале да се распаѓаат додека ги пуштале. За некои од нив тоа можеби била последната шанса да се пренесат од оригиналот. Затоа од МРТ треба да побараме попрецизен отчет за тие пет проценти. Колку од старите копии се читливи и поврзани со документацијата? За колку снимки има проверена архивска копија и каде се чува?
Што можеме да научиме од Бугарското национално радио?
Бабалески го посочи Бугарското национално радио како пример што го познава од работа. Според неговата проценка, архивата на БНР има над 600.000 единици. Вели дека дигитализацијата почнала пред петнаесетина години и дека за тоа време стигнале приближно до половина од целиот фонд. Ако продолжат со истото темпо, проценува дека ќе им требаат уште петнаесетина години.
Како што појаснува Бабалески, Бугарското национално радио ги издвоило снимките што ги смета за најзначајни во посебна збирка, „Златниот фонд“. БНР објавило дека до април 2025 дигитализирало 90 проценти од „Златниот фонд“. Во истиот извештај наведува дека обновило депо за магнетофонски ленти во Софија и обработило 31.530 наслови. Објавило и огласи за специјалисти за дигитализација, а дел од снимките веќе се достапни преку јавниот каталог на „Златниот фонд“.
За Македонското радио, Бабалески пренесува проценка на еден поранешен директор дека во архивата можеби има над еден милион единици. Ако се работи со темпото што го опишува за БНР, неговата груба пресметка е дека кај нас би биле потребни повеќе од 40 години.
За посигурна проценка, МРТ прво треба да утврди колку часови снимки чекаат за пренос, во каква состојба се носачите и со каков кадар и опрема располага. Преносот на најзагрозените снимки треба да почне уште додека трае пописот.
Што научил Бабалески на обуката во Тирана?
Во 2008 година, додека сè уште бил студент, Бабалески присуствувал на обука во Тирана и, како што вели, добил сертификат. Обуката била поврзана со дигитализацијата на звучниот фонд на албанскиот Институт за народна култура, со помош од стручњаци од Виенскиот фонограмски архив. Во извештајот на Дитрих Шилер е документирана регионалната обука во Тирана во декември 2007 и најавена практичната обука за есента 2008. Техничкиот комитет на IASA ги изработува насоките за пренос и зачувување на звучните записи.
Атанас се сеќава дека целта била учесниците да можат и самите да обучуваат други. Шилер наведува дека албанскиот институт тогаш имал околу 3.000 ленти со приближно 2.000 часа снимки. Во Македонското радио, како што забележува Бабалески, само лентите со радиодрами се над две илјади. Тој смета дека знаењето што го стекнал во Тирана може да го пренесе и кај нас. Новиот кадар може да вежба под стручен надзор на материјали избрани за обука, а најзагрозените ленти треба веднаш да ги преземат луѓе со искуство.
Пет чекори за спасување на архивите

1. Да се назначат луѓето што ќе ја водат работата
МРТ треба да именува раководител и стручен тим со јасна одговорност за радиофонотеката и телевизиската архива. Потребни се архивисти, тонски и видеоинженери и техничари што ги познаваат старите формати. Каде што недостига кадар, треба да се обезбедат обука, пренос на знаењето од искусни колеги и надворешна стручна помош. Владата и Министерството за финансии треба да обезбедат наменски средства и за итната работа и за повеќегодишното чување на фондот. Член 112 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги веќе ја обврзува МРТ долгорочно да ги архивира своите дела и да обезбеди нивно трајно користење.

2. Да се провери што има во депоата и што е најзагрозено
Пописот треба да почне со споредување на постојната евиденција со она што навистина стои на полиците. Треба да се проверат состојбата на носачите, температурата и влажноста во депоата, исправноста на опремата и состојбата на веќе направените дигитални копии. Додека трае процената, МРТ треба да го запре бришењето и отпишувањето на старите носачи.
Според насоките на IASA, при преносот предност треба да имаат снимките што пропаѓаат и оние за кои сè потешко се наоѓа исправна опрема. Тимот треба да почне да ги пренесува најзагрозените уникатни записи веднаш штом ги идентификува, паралелно со пописот. При пописот треба да се означат и снимките од особено културно значење, за да станат достапни за јавноста штом ќе се расчистат правата.

3. Да се направат архивски копии што можат да се проверат
Секоја лента треба да ја прегледа стручно лице пред да ја пушти на соодветен, сервисиран апарат. Преносот треба да се документира, а копијата да се провери. За аналогно аудио IASA препорачува Broadcast WAV со најмалку 48 kHz и 24 бита. Кај видеото, FFV1 во Matroska е една од воспоставените опции за архивски запис без загуби. Секоја датотека треба да се поврзе со ознаката на оригиналната лента и со запис во базата. Таму се внесуваат сите познати податоци, од тоа кој пее или зборува до тоа кој снимал и кога. Се запишува и како е направен преносот. Оригиналните носачи треба да се задржат секогаш кога е можно.

4. Да се обезбеди долгорочно чување на дигиталниот фонд
Архивските датотеки треба да имаат повеќе проверени копии на одвоени локации. Според насоките за дигитално зачувување на NDSA, потребни се редовни проверки дали датотеките се неоштетени, пробно враќање од резервна копија и план за префрлање на податоците кога опремата или медиумот за чување ќе застарат. Во буџетот треба да се предвидат и трошоците за годините по преносот, кога копиите ќе треба да се чуваат, проверуваат и обновуваат.

5. Да се отвори фондот за јавноста и да се објавуваат резултатите
На јавноста ѝ треба пребарлив каталог на радиото и телевизијата, со материјали од сите програмски сервиси и јазици. Записите со расчистени права може да се слушаат или гледаат преку посебни копии за пристап. За другите треба да има јасна постапка за барање пристап, во согласност со правилникот на МРТ за архивирање и со авторските и сродните права. МРТ треба редовно да објавува колку носачи се попишани, колку часови се пренесени и проверени, што е достапно и што останува загрозено. Од Програмскиот совет на МРТ и од Собранието бараме тие резултати да ги разгледуваат јавно.

Повик до институциите и до колегите од медиумите
Од МРТ бараме да го објави последниот проверен пресек на двата фонда и да каже кои снимки треба први да се спасат, кој ќе ја води работата и што му е потребно за да почне. Од Владата и Министерството за финансии бараме средства за итен пренос во 2027 година и за чување на фондот потоа. Од Собранието бараме јавна седница на која МРТ ќе ги изложи состојбата и планот.
Ги повикуваме и колегите од другите медиуми да ја отворат темата во своите редакции. Да побараме одговори од институциите, да разговараме со луѓето што работеле со овие снимки и да следиме што ќе се случува со фондовите и по првите објави.
Пред седумдесетина години некој поставил микрофон за да се чујат луѓе чии песни и приказни инаку можеби никогаш немало да стигнат до нас. Нашиот дел од работата е да се погрижиме нивните гласови да стигнат и до оние што ќе дојдат по нас.

