Унгарија се подготвува да ги повлече приговорите за отворање на последните два преговарачки кластера на Украина и Молдавија со Европската Унија на денешниот состанок на амбасадорите на ЕУ во Брисел. Со оваа одлука, Киев и Кишинев ќе можат да ги отворат сите шест преговарачки кластера, вклучувајќи ги и чувствителните области за земјоделство и животна средина.
Два дипломатски извори потврдиле за Еуроњуз дека Будимпешта ќе го укине ветото за преостанатите два кластера на состанокот на постојаните претставници на земјите-членки. Унгарскиот државен секретар за европски прашања во Кабинетот на премиерот, Андраш Биро-Наѓ, го најави овој чекор за време на расправата за проширувањето пред вчерашниот состанок на Советот за општи работи во Брисел.
Унгарија го кочеше напредокот на Украина преку блокирање на отворањето на преговарачките кластери. Бидејќи европскиот пат на Молдавија останува процедуралнo поврзан со оној на Украина, унгарското вето го забавуваше и процесот за Кишинев.
Промената во ставот на Будимпешта доаѓа со промената на власта во Унгарија и заминување на поранешниот премиер Виктор Орбан. По промената на власта, Европската Унија го отвори првиот преговарачки кластер со Украина во јуни, вториот во јули, а уште два кластера беа отворени во октомври.
Минатиот месец Киев и Будимпешта постигнаа договор за правата на унгарското национално малцинство во западна Украина, кој потоа беше усвоен од украинскиот парламент.
Како дел од затоплувањето на односите меѓу двете соседни држави, унгарскиот премиер Петер Маѓар и украинскиот претседател Володимир Зеленски ја одржаа својата прва билатерална средба на маргините на самитот на Европскиот совет во Брисел на 16 октомври.
Откако Унгарија официјално ќе го потврди укинувањето на ветото, Украина и Молдавија ќе ги отворат преговорите во сите шест кластера. Последните два кластера ги опфаќаат Кластерот 4 за зелена агенда и одржлива поврзаност, каде што спаѓаат енергетиката, транспортот, животната средина и климатските промени, како и Кластерот 5 за ресурси, земјоделство и кохезиона политика.
Земјоделскиот сектор претставува особено чувствително прашање за Киев. Под притисок на земји-членки како Полска и Франција, Европската комисија предложи ограничувања во пристапот до европските фондови и единствениот пазар за одредени украински земјоделски производи. Украинскиот премиер Сергиј Корецки изјави за Еуроњуз дека Киев не може да прифати трајно исклучување на своите земјоделци од европскиот пазар и побара таквите заштитни мерки да бидат исклучиво преодни и пропорционални.
Отворањето на сите шест кластера претставува само почетна фаза од преговорите. Земјите-кандидати треба целосно да го усогласат своето законодавство и практика со правилата на Унијата, а во текот на целиот процес земјите-членки имаат право да стават вето на напредокот повеќе од сто пати.

