Дел од пратениците се под влијание антиродовите движења поради што се блокирани законските измени, вели во интервјуто за Рацин.мк Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, и таа вели дека тие луѓе што се на позиција да направат промена не ја прават промената.
Насилството врз жените, освен на 25 ноември, кога почнуваат „16 денови активизам“ никогаш не било приоритет, а повлекувањето на програмата за сеопфатно сексуално образование е спротивно на декларативна заложба дека се борат против насилството, е ставот на Димушевска.
Таа предупредува дека идејата на анти родовите движења е да ја вратат жената во домот и затоа имаат проблем со родовата еднаквост, но истакнува Димушевска, ако жената добие моќ, не значи дека мажот ќе ја изгуби моќта.
Со Елена Домушевска разговараше Зоран Бојаровски
Само во оваа година седум фемциди, стотици случаи на насилство врз жени и на насилство врз девојки и така натаму. И еден апел врзан за „16 денови активизам“ деновите на активизам да престанат да бидат протоколарни, да престанат да бидат промоција на политичари и на луѓе кои само декларативно се изјаснуваат против семејното или родовото насилство, туку да се преземат конкретни мерки и конкретни активности.
Тие конкретни мерки и активности, меѓу другото, се и повод за овој разговор.
Да почнеме со тие барања, да ги разгледаме поединечно и да оцениме дали ја содржат суштината што треба да ги донесат промените.
Во првото барање се бара итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство поднесени на 26-ти август во Собранието најдоцна до 10-ти декември 2026 година, кога завршуваат Деновите на активизам.
Што е најважното во овие измени и како тоа ќе придонесе да се намали ова насилство?
Во однос на измените и усвојувањето на измените, она што прво би сакала да го напоменам е дека ние имаме навистина солиден закон.
Тој закон е донесен 2021. Овие измени ќе овозможат унапредување на некои аспекти кои што еве во изминатите пет години се покажало дека треба да се унапредат, но тоа не значи дека досега или овој закон кој што актуелно е, е на сила, дека е нефункционален или дека не овозможува заштита.
Што предлагаме со овие измени? Што е предложено во овие измени? Имено, измените се изработени во рамки на работна група, каде што беа вклучени и претставници од граѓански организации и од сите релевантни институции Министерството за труд, Министерството за внатрешни, правда, Јавно обвинителство, судови, професори, експерти нели на, на во оваа проблематика, пратеници.
Тоа беше една сеопфатна група и интензивно два месеца, можеби и скоро три месеци, се работеше на овие предлог измени. Што е она што би сакала од предлог измените да го истакнам? Прво, за прв пат се предвидува се дава овластување на полицијата да кога постои непосредна опасност, непосредна и сериозна, ќе ставам акцент на ова, да може да го отстрани сторителот од домот и да може да го задржи додека не се донесе судската одлука.
Значи, полицијата ќе може да обезбеди итна заштита како што потребна. Тоа до сега полицијата немаше овластување да го направи. Она во суштина што се случи уште во 2021 кога беше донесен овој закон, требаше по усвојувањето на законот да следат низа измени во други закони за да може да бидат усогласени.
Поради тоа што тоа не се случи и затоа сега со овие предлог измени се овозможува полицијата да има поголеми овластувања за да може итно да ја заштити жената кога постои непосредна и сериозна опасност.
Другата измена која што беше вклучена, е допрецизирање и додефинирање на детето како директна или индиректна жртва. Нашето искуство и искуствата, не само нашето на мрежата, туку на сите организации коишто работат на оваа проблематика е искуството покажува дека децата не ги третираме како жртви на насилство во случај кога не се директно нападнати.
Но детето е секако жртва кога се случува насилството во рамки на семејството, бидејќи го гледа, го слуша, живее со тоа насилство и овој закон ќе овозможи појасно дефинирање на тоа кога и каде на детето треба да му се обезбеди заштита и поддршка.

Ние сме далеку од исполнување на минимални стандарди за засолништа, советувалишта, поддршка којашто им е неопходна на жртвите.
Во контекст на ова предвидовме и нова привремена мерка којашто ќе се однесува за забрана на забрана за доближување на сторителот и до децата, затоа што имаше претходно доста ситуации каде што привремената мерка се изрекува кон жртвата, но поради тоа што тие се родители на заеднички деца. Тука имаме еден многу посериозен проблем како држава, а тоа е дека го ставаме родителското право како позначајно и на повисоко ниво од правото на најдобар интерес на детето.
И тргајќи од тоа дека он му е родител и мора да го гледа и мора да има видувања, без разлика дали има насилство или не, се овозможува видување на сторителот со неговите деца и ова е сосема спротивно од препораките и обврските што Истанбулската конвенција ги дава на оваа држава, каде што вика дека во случај на семејно насилство привремено ќе му се ограничи на сторителот на насилството.
Односно на родител насилсни ќе му се ограничи видувањето со децата додека не се загарантира безбедноста и сигурноста на сите, и на жената и на децата. За сторителот има постапки коишто исто така што Истанбулската конвенција ги препорачува. Да посетува третман за сторители, зависно од условите околностите во кои што се случувало насилството.
Значи дека на некој начин со овие измени што ги спомнувате, дополнувањата и сето тоа, треба да се пополнат празнините или слабите алки, карики во системот, меѓу институциите кои дозволуваат овој тип на пропусти или отворени врати низ кои можеше да се „протне“, иако има забрана, сторителот кон жртвата што веќе претрпела такво насилство.
Да, овие се пополнуваат празнини или некои пропусти кои што претходно не биле предвидени, кои го дополнуваат постоечкиот веќе солиден закон.
Но, неговата имплементација и необезбедувањето на соодветна заштита не е поврзано со тоа како тој е напишан и како е поставен. Поврзано е со други аспекти зошто не може да биде во целост имплементиран.
Едниот аспект е овој што го спомнав, а тоа е едно од нашите барања продолжување да се на усогласување на целиот пакет на закони кој што во првиот момент беше беше беше направен. За да може да има целосна имплементација на Законот против насилство врз жени мора да се усогласат овие закони.
Кога тие се спротивставени и кога во Законот за насилство на пример пишува едно, а во Законот за полиција и полициски пишува друго, тогаш полицијата постапува според својот матичен закон. Здравствените работници постапуваат според својот матичен закон и тука се случува – непостапување.
Дополнително, самиот закон и самите пропусти во постапувањето се резултати на недостаток на ресурси и човечки и финансиски. Ние сме една држава којашто нема специјализирани сервиси.
Ние сме далеку од исполнување на минимални стандарди за засолништа, советувалишта, поддршка којашто им е неопходна на жртвите.

Дел од пратениците се под влијание антиродовите движења поради што се блокирани законските измени.
Ќе те прекинам за кратко, ќе ми простиш за да не пропуштиме нешто што е битно. И ова е секако, се е битно што кажувате. Ќе се навратиме на потребата од поддршка на ресурсите за соодветно спроведување на сите мерки што ги предвидува законот, но да се вратиме на итноста на која повикувате од донесување на овие измени.
Зошто до сега не е спроведено тоа? Каде е отпорот?
Оно што е неофицијална информација, отпорот е во Собрание, во делот кај делот пратениците, а претпоставувам под влијание антиродовите движења коишто влијаат овие закони, овие изменида не поминат, а при тоа фокусирајќи се сосема на нешто друго.
Значи самиот закон предвидува род, се повикува на родот како основа за дискриминација, се повикува на сексуален идентитет и на родов идентитет и сексуална ориентација како основи за дискриминација, односно се забранува да се врши дискриминација и сите овие луѓе треба да добијат соодветна заштита и поддршка доколку се жртви на насилство.
Е, сега, тргајќи од тоа и целата, целиот наратив да родовата еднаквост се избрише и повлече од сите закони и ние воопшто да не го користиме зборот род, влијае и на донесувањето на овие измени…
Нели е сето тоа спротивно на Истанбулската конвенција што Македонија ја има потпишано?
Апсолутно тоа е спротивно на сè што ние имаме ратификувано како документ, затоа што ние и како држава треба сè да правиме и да превземаме чекори, да ја воспоставиме родовата еднаквост на сите нивоа на функционирање, а не само за заштита од насилство. Родовата еднаквост, нели насилството е еден аспект.
Родовата еднаквост значи нешто многу пошироко. Значи давање можност на жените и другите групи да имаат исти можности, исти услови, да си го создадат, да си го создадат својот потенцијал, да може да добијат сè што сите добиваат.
Сите луѓе, сите граѓани и граѓанки на оваа држава да ги добијат истите можности. За да можат да живеат квалитетен живот, а што треба да произлезат од законските одредби…
Кои ги донесува Собранието?
Апсолутно.

Тие луѓе што се на позиција да направат промена не ја прават промената
Ќе апострофирам една активистка којашто остави впечаток со нејзината констатација која вели: расте свеста за родовата еднаквост, за злото што е претставува семејното и родовото насилство, но во исто време, вели, расте и патријархалниот модел во Македонија. Како дојде до тој судир, да речеме на два различни вредносни системи?
Верувам дека заслугата од една страна е зајакнувањето на патријархалните вредности, коишто веќе долги години се трудиме да ги надминаме за да можеме да ја воспоставиме родовата еднаквост.
Затоа што што значи родовата еднаквост? Родовата еднаквост значи дека и мажите и жените ќе имаат иста моќ. И сега тука се отвара прашањето дали целото делување на анти родовите движења е само заради тоа што сакаат да ја задржат моќта кај мажите, затоа што жената пробуваат да ја вратат во домот како мајка, сопруга и домаќинка.
Таа жена нема економска независност, таа е зависна и тоа е тоа патријархатот што го промовира. Местото на жената е во домот, а жената во домот нема моќ.
Машки надзор, па рече еден.
Апсолутно, жената во домот ќе биде под машки надзор и ќе мора да исполнува барања што мажот ќе и ги даде. Идејата на анти родовите движења е да ја вратат жената во домот. Затоа имаат проблем со родовата еднаквост. Но она што мораме сите да го имаме на ум дека ако жената добие моќ, не значи дека мажот ќе ја губи моќта, нели?
Во едно современо општество, како што сакаме да се викаме и како што нели се претставуваме дека сме, сите треба да имаме иста моќ.

Насилството врз жените, освен на 25 ноември, кога почнуваат „16 денови активизам“ никогаш не било приоритет
Да се вратиме сега на ресурсите каде што ве прекинав. Едно од барањата е да се обезбедат доволно финансиски средства за специјализирани услуги, заштита и поддршка на жртвите на насилство. Зошто досега недостасуваше оваа поддршка?
Токму затоа го побаравме мораториумот. Затоа што декларативни заложби ние имаме со години наназад. Јас сум активно вклучена во оваа проблематика осумнаесет години и на дваесет и петти ноември до десетти декември секој некој знаеше да стави портокалово или која и да била бојата претходно, виолетова, и да зборува како сака да става крај.
Тие луѓе што се на позиција да направат промена не ја прават промената, но се сликаат. Затоа сме стигнати до овде, затоа што декларативната заложба е во ред…
Но тоа треба да биде прв чекор кој што ќе продолжи кон превземање на конкретни акции…
Ние сега во моментот, согласно анализата којашто ја направивме, а тоа е костинг анализата, колку ќе чини државата да има национален сеопфатен систем на специјализирана поддршка за жени и деца жртви на насилство. Нашата пресметка вика, согласно сите критериуми и стандарди, ова не се бројки коишто се напамет кажани, нашата пресметка вика дека се потребни 7 милиони евра.
Седум милиони евра за една држава не се воопшто сума која што не може да си ја дозволи. Прашање е на приоритет. Стигнати сме до оваа ситуација затоа што насилството врз жените, освен на 25 ноември, никогаш не било приоритет. Доволен приоритет за да ги најдеме овие пари.
Министерството за финансии не може да ги нема, ги има апсолутно. Треба само да одлучи дали сака да ги одвои за насилство или ќе ги одвои за нешто друго.

Повлекувањето на програмата за сеопфатно сексуално образование е спротивно на декларативна заложба дека се борат против насилството
Или како можеше да се најде одговорна компанија да додели 55 милиони евра за 35 години независност, а не може да се најдат седум милиони за да се обезбеди поддршката на сите овие центри што ги даваат услугите за поддршка против семејното насилство.
Точно. Седум милиони евра не се пари коишто не може да бидат обезбедени. Приоритетот мора да биде поставен затоа што, овие пари ќе ја донесат таа специјализирана поддршка од една страна, а тоа е инвестиција во граѓаните. Во прв момент оваа поддршка обезбедува заштита и безбедност како засолништата, но и советувалиштата овозможуваат на жената и децата кои што биле жртви на насилство да ги надминат последиците, а последиците од насилството се сериозни и по физичкото и по менталното здравје.
Да ги надминат последиците и да станат продуктивни, да го исполнат својот потенцијал и да станат продуктивни индивидуи во ова општество. Значи, тоа е инвестиција во своите граѓани. Тоа е превенција на насилство, затоа што кога на една жена ќе ја обезбедите, жена која што нема каде да оди, ќе и обезбедите домување, ќе и обезбедите бесплатна правна помош, ако треба и финансиска во одреден период додека да се стабилизира, таа после ќе продолжи.
И ние тоа го имаме како модел, затоа што ние во рамки на мрежата пилотираме ваков модел. Иницијалната поддршка е клучна за една жена да навистина стави крај на насилството.
Едно од барањата е усвојување и јавното објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базирано насилство, каде што има конкретни институционални задолженија, рокови и механизми за следење. Зошто е битно за вас и за јавноста ова?
Надзорната расправа што беше организирана на почетокот на оваа година беше клучна затоа што за прв пат Собранието организира надзорна расправа за мониторинг на закон поврзан со насилство.
На надзорната расправа беа поканети и претставници од институции и претставници од граѓански организации коишто зборуваа согласно своето искуство за недостатоците на системот. И сега заклучоците се важни затоа што ги сумираа сите искуства и на институциите и на граѓанските организации и даваат препорака која институција каде треба да направи пронени, каде има пропуст и како треба да се подобри за да се подобри постапувањето и заштитата.
И повторно, ако сакаме да зборуваме за унапредување на системот, нели, после пет години треба да направиме еден пресек и тоа го прави оваа надзорна расправа. Прави еден пресек на имплементацијата на законот и кажува овдека сме добри, овдека ни треба подобрување.
Затоа е важно. Затоа што ние не можеме да се унапредуваме ако не знаеме точно каде сме згрешиле и дополнително да постапуваме. Поставување на рокови е многу важно затоа што ајде ќе унапредиме нешто, ама кога тоа ќе го направиме. Нели?
Да се договориме до кога тоа треба да биде направено, кој ќе ја преземе одговорноста тоа да го направи, кој ја има одговорноста тоа да го направи.

Идејата на анти родовите движења е да ја вратат жената во домот и затоа имаат проблем со родовата еднаквост
Нема да прашам кој ја прави блокадата за објавување на оваа заклучоците на собраниската надзорна расправа. Претпоставувам и на јавноста веќе и е јасно од каде доаѓаат тие притисоци за да не биде тоа така постапено, но во меѓувреме, имајќи го сето ова предвид за кое зборуваме, имајќи ги сите фемициди, сите стотици насилства што се случија во земјата во оваа година, Владата ги повлече од основното образование концептите за сеопфатно сексуално образование, каде што децата можеа во училишните клупи, низ еден изборен предмет да дознаат многу работи за родот, за насилството, од каде произлегува, зошто и така натаму. Зошто беше повлечена?
Зошто во меѓувреме се случи ова и се наметна нешто што, претпоставувам, се поврзува со ова да се анулираат термините родова еднаквост, родова, родово насилство и така натаму. И токму повлекувањето на овие закони беа исто така под влијание на ова движење коешто го зборувавме претходно.
И повлекувањето на програмата за сеопфатно сексуално образование, во суштина покажува нешто сосема друго, спротивно од оваа декларативна заложба дека се бориме против насилството.
Програмата обезбедуваше одлична позадина, беше одличен модел да се превенира идно насилство затоа што зборуваше за родот и родовата еднаквост. Концептите на род и родот не можеме да ги избришеме.
Род и пол не се исти термини. Мажите и жените биолошки секогаш ќе се разликуваат и тоа се половите разлики коишто секогаш ќе постојат и ние не сакаме ниту да ги смениме. Концептот на род како, како социјален конструкт и она што е очекувано и наметнато. Тоа што да прават жените или што да прават мажите е нешто кое што треба да се менува и кое што ја кочи родовата еднаквост.
И сега повлекувањето на сите овие термини од програма која што ќе значеше дека нашите деца ќе бидат едуцирани, ќе бидат едуцирани за согласност, за влегување во сексуални односи кое што се случува сè порано и порано.
Познавањето на терминот согласност и на концептот на согласност дека сè додека двете страни не се согласни тој сексуален чин да се случи или што и да е поврзано со тоа, сè тоа е насилство.
Она што мене, на пример, лично ме вознемирува кога родителите, а тоа е поголемиот дел од родителите, не се спремни да зборуваат за ова со своите деца, зошто едноставно тогаш не дозволат на тие што знаат, да ги едуцираат?
Затоа што децата, вака или така, ќе влезат во интимни врски, ќе влезат во сексуални врски. Сакаме да влезат не едуцирани. Затоа што ова образование, оваа програма предизвикува едукација за сексуално и репродуктивно здравје. Како да се заштитат, како да се превенираат несакани случувања.
И не само тоа превенираше и заштитуваше да бидат заштитени од токсичните средини и ги учеше децата на тоа каде е границата, каде може да ги стават границите. Тие лично да ги препознаат и да постават граници до каде може некој да им навлезе во приватноста?
Ете за какви движења станува збор кога кога успејаа да влијаат на тоа да се повлече оваа програмата и комплетно да се измени. И ние сега Министерството ќе им понуди на децата една искепкана, искасапена програма која што нема да ја претстави целосната слика.
И повторно ги оставаме децата во заблуда и во дилема и им даваме можност информациите да ги бараат на интернет, а на интернет какви информации ќе најдат и дали тие ќе бидат точни или не?

Ако жената добие моќ, не значи дека мажот ќе ја изгуби моќта
Едно од барањата е повик до жените од сите политички партии да не учествуваат во протестите со намера да профитираат од тоа, но од друга страна, тие се исто така жени мајки и така натаму кои надвор од политичките партии ги доживуваат исто така овие насилства што ни се случуваат околу нас. Како да се избалансира таа разлика?
Ова барање е поврзано со тоа што многу често кај нас ваквите протести, не само за насилство, туку и протести кои што се за други социјални теми и важни теми, знаат да бидат исполитизирани и некоја партија ја превземе, да проба да добива политички поени со тоа што ќе учествува на протест.
Ние не знаеме дали некоја жена која што е симпатизер на некоја политичка партија е присутна на протестот или не, ако не носи обележје. Така ние не ги идентификуваме луѓето што доаѓаат на протест. Ако некој сака да не поддржи, нека дојде да не поддржи, ама нека дојде да не поддржи како граѓанин, граѓанка на оваа држава, а не како припадничка на оваа или онаа партија, па да се даваат изјави од местото на протестот.
Ние ги повикуваме да не учествуваат за да не се исполитизира протестот, бидејќи прашањето е многу надпартиско. Прашањето на насилство не смее да биде поврзано со една или друга партија.
Од друга страна, преку ова сакаме да ги поттикнеме жените, кои што пак се на моќ на позиција на моќ, како да речеме пратеничките, независно од која партија се да седнат и да се договорат што е важно во случајот. Ова е важно и ова треба да помина.
Жените може да го направат тоа како што досега сте правеле и се залагале за измени во одредени закони. Кривичниот законик се направи така. Жените се здружија. Ние сакаме да ги повикаме да се здружат од позицијата којашто ја имаат, да направат сѐ што може да ја избуткаме заедно промената, а од друга страна, ако сакаат да ни се придружат на протест, апсолутно, само тоа нека не биде без било какви обележја и изјави и прес конференции за тоа дека учествувале на некаков протест. Протестот е граѓански протест, не е партиски и не смее да биде никогаш.
Верувате ли дека до 10 декември, кога ќе заврши „16 денови активизам“, ќе има некои промени или, како што велите вие, ќе успеат пратеничките во Собранието да се обединат околу идејата да ги донесат измените и дополнувањата на законот, да ги објават документите на надзорната расправа.
И конечно, верувате ли дека на 10 декември ќе има некаков позитивен исход од целата ваква кампања?
Ние го бараме ова затоа што сакаме да веруваме дека ќе го направат ние. Ние имаме сојузнички. Таму има жени кои што навистина се борат овие закони што треба да помината, да поминат.
Јас навистина сакам да верувам дека ќе бидат објавени заклучоците од надзорната расправа и дека ќе бидат прво ставени на точка на дневен ред измените на предлог измените на законот и дека навистина ќе се усвојат.

