МПЦ со честитки кај Кирил, рускиот патријарх што ја поддржува војната

Делегација на Македонската православна црква деновиве престојуваше во Москва за 80-тиот роденден на патријархот Кирил, кој ја поддржува руската агресија врз Украина. Митрополитот дебарско-кичевски Георгиј и епископот хераклејски Климент му пренеле честитки од архиепископот Стефан, соопшти Московската патријаршија.

Средбата се одржала на 21 ноември во резиденцијата во Даниловиот манастир. Според руското црковно соопштение, Георгиј се заблагодарил за поддршката на Московската патријаршија при решавањето на статусот на МПЦ-ОА и доделувањето автокефалност од Српската православна црква.

Кирил ја нагласил словенската и кирилометодиевската поврзаност, како и развојот на меѓуцрковните односи. Посочил дека во руските духовни училишта се образуваат студенти од Македонија и дека се разговара за заеднички проекти.

Македонските претставници му подариле икона на светите Кирил и Климент Охридски.

Посетата се случува во контекст на долгогодишната поддршка на Кирил за руската војна во Украина. Велика Британија во јуни 2022 година му воведе санкции, наведувајќи ја неговата истакната улога во поддржувањето и оправдувањето на руската воена агресија.

Дополнителни реакции предизвика документот на Светскиот руски народен собор, одобрен во март 2024 година под претседателство на Кирил, во кој војната во Украина е опишана како „света војна“.

Светскиот совет на црквите тогаш јавно се спротивстави на таквата формулација. Во соопштението нагласи дека употребата на религиозен јазик за оправдување вооружена агресија е спротивна на христијанскиот повик за мир.

Советот потсети и дека Кирил претходно, на средба во мај 2023 година, се согласил дека вооружена војна не може да биде света. Според Советот, документот од 2024 година е во спротивност со таа претходно искажана позиција.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?