Фицо бара Брисел да ја следи Србија за да спречи „трагедии како во Словачка“

Словачкиот премиер Роберт Фицо ја повика Европската комисија превентивно да ја следи состојбата во Србија, тврдејќи дека е загрозено владеењето на правото. Во видеообраќање на Фејсбук, тој ги спореди тамошните прилики со политичките и правосудните случувања во Словачка од 2020 до 2023 година.

„Ја повикувам Европската комисија да ја следи ситуацијата во Србија за да не се случат трагедии како во Словачка“, рече Фицо.

Тој се осврна на периодот на словачките влади предводени од Игор Матович, Едуард Хегер и Људовит Одор. Ја обвини Комисијата дека тогаш ги игнорирала случувањата во неговата земја бидејќи во Братислава имала, како што наведе, послушна влада.

Како примери ги посочи смртта на поранешниот полициски функционер Милан Лучански во притвор во 2020 година и на адвокатот Љубомир Кривоченко, кој почина од ковид-19 во затворска болница во 2021 година. Фицо тврдеше дека на Кривоченко не му била обезбедена соодветна медицинска помош.

Во истото обраќање, словачкиот премиер најави и можни промени во законите за медиуми. Доколку неговата партија Смер биде дел од идната влада, рече дека ќе се залага за новинарски лиценци, задолжително членство во новинарска комора, стручни квалификации и дисциплинска одговорност.

Најавата следува по објавите на чешкиот истражувачки портал „Инвестигaце“ за банкарска сметка на неговиот син во Германија. Фицо ги отфрли наводите и ги обвини истражувачките новинари за напади врз неговото семејство.

Неговиот повик за следење на Србија доаѓа по претходни критики кон односот на ЕУ кон Белград. На средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос во мај годинава, Фицо го оцени европскиот пристап кон Србија како неправеден. Тогаш повтори дека Словачка го поддржува проширувањето на Унијата со исполнување на потребните критериуми.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?