Во полскиот град Полице на 19 ноември беше откриен споменик посветен на македонските деца бегалци од Егејска Македонија, кои во 1948 година го напуштиле родниот крај поради Граѓанската војна во Грција и својот живот го продолжиле во Полска.
Oва е првиот споменик во Полска посветен на овие деца, од кои многумина никогаш не се вратиле дома. Тој е еден од трите споменици предвидени за полските градови што ги згрижиле децата бегалци.
Иницијатор и автор на споменикот е Петро Алексовски, претседател на Светскиот македонски конгрес во Полска. Неговиот татко, Мито Клавчов, бил едно од децата протерани за време на Граѓанската војна во Грција, која траела од 1946 до 1949 година.
„Кога твоето семејство поминало низ пекол за да можеш ти да живееш нормален живот, мора да го отплатиш тој долг“, изјави Алексовски.
Споменикот го открија градоначалникот на Полице, Кристијан Ковалевски, и македонскиот амбасадор во Полска, Јасмин Ќахил. Тие, заедно со авторот, се обратија пред присутните и се заблагодарија за поддршката од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Реализацијата на споменикот била поддржана од Фондот, чиј директор Горан Садикарио ја поврза иницијативата со зачувувањето на сеќавањето на луѓето што преживеале прогон и раселување.
„Судбината на децата бегалци од Егејска Македонија, откорнати од своите огништа, природно се преплетува со историската меморија на еврејскиот народ и на сите кои го преживеале прогонот и загубата на домот. Затоа беше природно да помогнеме“, истакна Садикарио.
Споменикот го зачувува сеќавањето на децата што во Полска нашле засолниште, подоцна основале семејства и оставиле потомство. Светскиот македонски конгрес упати благодарност до Фондот, донаторите и Алексовски за неговата реализација.

