Специјалната операција за уништување на руските авиони, изведена на 1 јуни, беше насочена кон четири аеродроми во Русија. Нападот врз воздушната база Бела беше првиот украински напад врз објекти во Сибир од почетокот на руската агресија врз Украина.
Олександар ЛЕВЧЕНКО*
По нападот со украински дронови врз аеродромите на руската стратешка авијација, бројни западни медиуми ја нарекоа операцијата „Пајажина“ историски настан. The Economist ја нарече пресвртница. The Telegraph забележа дека операцијата е достојна за филм. Washington Post потенцираше дека загубите што ги претрпе руската авијација се неповратни.
„Операцијата покажа дека Украина најде начин да го користи сопственото оружје за да постигне цели кои претходно беа недостижни. Нападите можеа значително да ја оштетат способноста на Русија за напади со крстосувачки ракети и открија ранливост на клучни воени средства илјадници километри далеку од фронтот.“
Како дел од специјалната операција на украинската Служба за безбедност (СБУ), Москва загуби третина од клучната компонента на своето стратешко нуклеарно одвраќање – компонента што не може да се обнови, барем не во наредните години. Материјалните и техничките загуби на Русија се непоправливи. Овие авиони повеќе не се произведуваат, а технологијата за нивна изработка е загубена. Русија нема произведено стратешки бомбардери од средината на 1990-тите. Ова особено важи за Ту-160М2, авиони составени од остатоци од советското производство. Од 2022 година, Русија состави само два такви бомбардери, а уште два се во различни фази на изработка. Но Ту-95 веќе не се произведува. А кога станува збор за Ту-22М3, не сите се во летна состојба. Русија има програма за модернизација на овие авиони, но таа се одвива бавно. Единствена теоретска алтернатива е новиот стратешки бомбардер, но по повеќе од 15 години работа, Русија сè уште нема ниту летечки прототип. Затоа надоместувањето на загубите во бомбардери ќе ја чини Русија повеќе од 7 милијарди долари.
New York Times смета дека Украина со овој удар ѝ дала дополнителен поттик на Русија за започнување сериозни преговори. Associated Press нагласува дека операцијата „Пајажина“ ја покажува стратегијата на Украина – дека помал и послаб противник може да постигне цели преку асиметрично и прецизно делување. Bloomberg се потсети на други смели украински операции – од потопувањето на крстосувачот „Москва“ до развојот на флота од површински дронови. Financial Times експлозиите на руските аеродроми ги нарече епски пораз за руските власти – и поради последиците и затоа што чувањето авиони на отворено во четвртата година од војна со висок интензитет е, како што наведоа, „глупост“.
Медиумите потсетуваат дека на претходните преговори во Истанбул руската страна уверувала дека може да војува најмалку 21 година, како со Шведска во 18 век. Но овој напад ги принудува Русите да се запрашаат – можат ли навистина да водат ваква интензивна војна толку долго и со вакви загуби?
Најважно за Киев: Украина покажа способност да ја промени рамнотежата на силите на фронтот пред новата рунда преговори во Истанбул и да го натера Кремљ да ја прифати новата реалност – дека целите длабоко во Русија се ранливи дури и без западно оружје. Нападнатите авиони беа меѓу најспособните, што ги прави овие загуби особено тешки. FT посочи дека Русија ги користела овие бомбардери за напади врз цивилни цели во Украина – и дека тие предизвикале многу страдање. Освен што сега има помалку авиони за напади, Русија ќе мора да ја менува и својата тактика: ќе мора да ги дисперзира авионите, што директно ја намалува способноста за масовни удари и за потиснување на украинската противвоздушна одбрана.
Американскиот сенатор Ричард Блументал ја спореди операцијата „Пајажина“ со ликвидацијата на Осама бин Ладен – истакнувајќи ја нејзината прецизност и смелост. Според него, успешните напади со дронови би можеле да го сменат ставот на Вашингтон кон поддршката за Киев и да влијаат врз американското јавно мислење. Wall Street Journal пишува дека САД научиле важна лекција – „дека се многу понеодбранети отколку што Американците мислат“. Украина успеа да прокриумчари евтини дронови преку границата и со нив да уништи скапа руска воена опрема. WSJ предупредува дека слично сценарио е можно и во САД, ако на пример Б-2 авиони станат цел на ирански или кинески дронови. Америка е навикната да води војни на странски терен, но во случај на нов глобален конфликт, територијата на САД може да стане бојно поле: „Украина ни направи голема услуга – не само што уништи руски бомбардери, туку и ни покажа колку сме самозадоволни“, заклучува весникот.
Според американски функционери и воени аналитичари, Украина, со нападите со дронови длабоко во Русија, продолжува да го менува начинот на војување во 21 век. Киев не ја известил претходно американската администрација за оваа операција. Тајноста не е изненадувачка – протекување информации би ги загрозило изведувачите. Украина секогаш ја чувала оперативната безбедност, особено по случајот кога функционери на администрацијата на Трамп случајно откриле планови за американски напади во групен разговор на Signal.
Специјалниот претставник на американскиот претседател за Украина, Кит Келог, исто така ја призна храброста на Украина во оваа операција, но додаде дека таа го зголемува ризикот во војната со Русија. Според него, операцијата покажала дека „Украина нема да се откаже. Украина вели: ‘И ние можеме да ја играме оваа игра’“.
Во истиот момент, Кремљ јавно признава дека Русија тежнее кон „целосно уништување“ на Украина, сметаат аналитичарите од Институтот за проучување на војната (ISW), анализирајќи нови изјави од Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност. Медведев изјавил дека Русија сака преговори во Истанбул само за „побрза победа и целосно уништување“ на украинската влада – а не за компромисен мир со „нереални услови“. Тоа, според него, е „суштината на рускиот меморандум“. Тој исто така се закани дека „сè што треба да експлодира – ќе експлодира, а тие што треба да бидат уништени – ќе исчезнат“. ISW ги толкува овие зборови како закана кон оние кои ќе се противат на рускиот одговор на украинските напади со дронови.
Дополнително, ISW обрнува внимание и на изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој рече дека рускиот истанбулски меморандум е насочен кон „отстранување на корените“ на војната, и предупреди дека „не треба да се очекуваат брзи решенија“ од новата рунда преговори. Според институтот, руските пропагандни медиуми веќе ја подготвиле јавноста на ова сценарио – најавувајќи дека нема да има значајни резултати од преговорите, и покрај тоа што Москва се обидува да ги излаже западните официјални лица дека е заинтересирана за вистински мировни разговори.
На 3 јуни, украинската Служба за безбедност изведе уште една смела операција – напад врз Кримскиот мост. Подводни експлозивни направи беа употребени за оштетување на потпорните столбови, по што мостот се најде во вонредна состојба. Украина и претходно го напаѓаше овој мост – во 2022 и 2023 година – разоткривајќи го митот за неговата „непробојна“ одбрана. Мостот преку Керчскиот Проток е нелегално изграден од Русија по анексијата на Крим и се користи како логистичка артерија за снабдување на армијата. Затоа е легитимна воена цел и Украина има полно право да го уништи.
Со овие смели напади, Украина го зголемува притисокот врз агресорот – принудувајќи ја Русија да се откаже од ултиматуми и да го запре војувањето. Зголемувањето на воениот и санкцискиот притисок е единствениот начин да се натера Москва на дипломатија. Украина прави сè за да ја зголеми цената на агресијата за Русија, која сè уште одбегнува примирје и мирно решение. Киев е подготвен да продолжи со преговорите – но јасно истакнува дека Москва не смее да се „смирува“ со отстапки кои само го охрабруваат продолжувањето на војната. Зајакнувањето на Украина на фронтот и засилениот санкциски притисок се единствен пат кон крајот на војната.
*Олександар ЛЕВЧЕНКО e поранешен украински амбасадор во Хрватска и Босна и Херцеговина