Првата транша на финансиска и медицинска поддршка за жртвите од катастрофалниот пожар што ја потресе Кочани на 16 март веќе е распределена. Фондацијата „Заедно за едно“, формирана од Македонската банкарска асоцијација, им исплати еднократна парична помош на децата кои во трагедијата останаа без родители, уплатувајќи ги средствата директно на нивните платежни сметки или на сметките на законските застапници.
Во истовреме, фондацијата обезбеди и специјализирана опрема за рехабилитација – ракавици за пасивна терапија и апарати за компресивна крио-терапија – неопходни за опоравување на повредените. Овие уреди, велат од фондацијата, ќе им овозможат на пациентите побрзо и полесно да се вратат во нормална функција.
„Ова не е трагедија што ќе се преболи за неколку месеци. Затоа обезбедивме средства што ќе се распределуваат во повеќе сегменти и фази, сè до целосно закрепнување на секој повреден,“ изјави д-р Маја Стевкова Штериева, претседателка на Македонската банкарска асоцијација. Таа најави дека наскоро ќе биде објавен јавен повик преку кој повредените ќе можат да аплицираат за дополнителна финансиска помош за медицински третмани и рехабилитација.
Средствата на „Заедно за едно“ се собираат преку донации од домашни банки, штедилници, финансиски институции, но и од хумани компании и поединци. Фондацијата, потенцира Штериева, ќе остане активна „денес, утре и сè додека не заздрават сите“.
Со оваа акција, Македонската банкарска асоцијација уште еднаш ја потврдува својата општествена одговорност, испраќајќи порака дека финансискиот сектор може и мора да биде брз и цврст столб на заедницата во моменти на криза.