Волонтерите на Црвениот крст и денеска се на првата линија во битката со пожарот што веќе неколку дена пустоши во регионот. Од хуманитарната организација информираат дека нивните екипи обезбедуваат логистичка поддршка и асистенција за службите за заштита и спасување, придонесувајќи кон побрза и поефикасна интервенција на терен.
„Со несебична посветеност, нашите волонтери се вклучени во сите фази на операцијата – од дистрибуција на опрема до обезбедување храна и вода за ангажираните пожарникари. Дополнително, базените на Црвениот крст се ставени на располагање за полнење на резервоарите на хеликоптерите, што значително го забрзува процесот на гасење и овозможува навремена интервенција во најпогодените подрачја“, се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека организацијата останува целосно мобилизирана и подготвена да распореди дополнителни ресурси доколку состојбата тоа го наложи. Црвениот крст апелира до граѓаните да ја почитуваат наредбата за забрана на движење во критичните зони и да пријават било какво сомнително однесување што може да доведе до нови пожари.