Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Клучните ликови во „Тетовирани души“ се викаат како дедото и бабата на Горан, Стрезо и Алтана, но и Војдан, именуван според Чернодрински

Рацин.мк во неколку продолженија го објавува текстот на м-р Иван Антоновски, кој е резултат на истражување за семејните корени на култниот драмски автор и есеист, Горан Стефановски. Корените на Стефановски се од селото Ербеле, на територијата на денешна Албанија, од каде неговите предци, во 1920 година емигрираат во скопското Дебар Маало.

Многуте сведоштва и информации, кои за првпат се претставуваат пред пошироката јавност, отвораат многу прашања кои упатуваат кон нови интерпретативни рамништа во вреднувањето и анализирањето на драмите на Горан Стефановски.

„Сè се движи. Птиците и јагулите, заедниците и поединците, атомите, молекулите. Постои миграција, во простор и време, ширење и мешање и повторно мешање на култури и форми и идеи. Тоа е суштинско нешто: метаморфоза, трансформација, спогодување и адаптација. Тоа е животот. Хенинг Манкел еднаш напишал: ’Може да имате повеќе од еден дом. Можете да си ги понесете корените со себе, и да решите каде ќе растат’.“

Илустрација на Зоран Кардула

Оваа е една од пораките на Горан Стефановски во неговиот тестаментален есеј „Искрата што се измолкнува“. Една од неговите пораки кои со секое навраќање кон овој текст, одново ме поттикнуваат на размисли за корените, за домот, за животот… Оти со неа како да е кажано и нешто што е скриено зад напишано. Затоа ме поттикна и на размисла за неговите корени.

Од каде се корените на Стефановски? Оние што биле понесени да растат во скопското, Гораново и наше Дебар Маало каде неговиот дедо Стрезо изградил семејна куќа. Онаа во која се случува една од приказните преку кои Горан го претставуваше својот личен идентитет – со сеќавањето за куќната слава Свети Никола, во домот на баба му Алтана и дедо му Стрезо, кога таму, заедно со неговото семејство се и чичковците Круме, Иван, Миле и Ристо, стрините, братучедите, соседите и пријателите. Дали во она што е кажано, ама скриено зад напишаното во овој дел од „Искрата што се измолкнува“ има и некоја интимна, семејна историја за миграцијата во просторот и времето?

Горан Стефановски со синот Игор, во остатоците од куќата која се претпоставува дека била на неговиот дедо Стрезо, при посетата на Ербеле во 2014 година

Каде е домот на Стефановски што му претходи на оној во Дебар Маало? Оти нели: „домот е таму каде што боли“… Дали носењето на корените со себе од едно до друго место е дел од генетскиот код на Стефановски, па затоа беше една од тематските преокупации на нашиот Горан и пред да започнат неговите лични преселби? Дали затоа клучни ликови во драмата „Тетовирани души“ се именувани Стрезо и Алтана, а покрај нив е и ликот Војдан, именуван со името на книжевниот татко на Горан – Чернодрински? Дали преселбите и потрагата по „дома“ се судбинско наследство на Стефановски од една на друга генерација, па затоа и за своите лични селидби, Горан чувствуваше потреба толку многу да пишува и запишува?

На дел од овие размисли, се чини ме поттикна и самиот Горан, со некои од претходните свои дела и кажувања, како што е и писмото до неговата внука Калина, во кое напиша: „Сè е твое! / И строгата и проста македонска песна / На твоите предци знајни и незнајни / Везот дебарски на Атлана и каменот ѕидарски на Стрезо / И тие сега се твои / И претставите што ги режираше прадедо ти Мирко / И улогите во кои играше прабаба ти Нада / Твоја е магијата на чичко ти Влатко, ем електрична, ем акустична / Сè е твое!“ И во тестаменталниот есеј „Искрата што се измолкнува“ сподели: „Дедо ми Стрезо беше мајстор ѕидар, кој во времето на Првата светска војна минал седум години како печалбар во Влашка, во денешна Романија. Тој беше човек што, како сите мажи од неговата генерација, бил печалбар, и потоа се вратил дома и ја изградил семејната куќа во која се родил татко ми.“ Заради дебарскиот вез на Алтана и ѕидарскиот камен на Стрезо кои сега се на Калина, потрагата по разрешницата на дилемите се чинеше дека треба да се насочи кон дебарскиот крај.

Белешките на Горан Стефановски за неговиот дедо Стрезо

И очекувано, оти скопското Дебар Маало е настанато во првите децении на XX век кога на неговиот простор се населуваат Македонци прогонети од Дебарско Поле, кои своето ново место на живеење го нарекле според името на етнографскиот предел од каде што дошле. Самиот Горан има запишано дека првата куќа во Дебар Маало најверојатно е изградена од Танче млекарот во 1910 година, а дека меѓу неа и Офицерскиот дом имало само едно пусто поле, па во зима, луѓето навечер се враќале во групи за да не ги изедат волци. Но на која страна на денешната граница да се насочи потрагата по местото од кое корените на Стефановски се понесени во Дебар Маало – македонската или албанската?

Патоказот ми го покажа сопругата на Горан, Патриша Марш Стефановска, со информациите споделени во 2020 година, токму на неговиот роденден – 27 април.

„Баба му Алтана и дедо му Стрезо биле од Ербеле, сега селото Херебел во Албанија, преку планината карши манастирот Св. Јован Бигорски, каде што оделе за манастирската слава секоја година. На Горан особено му значеше тоа што важен старословенски средновековен ракопис е најден во селската црква, што докажува дека селото имало значајно словенско православно наследство. Го посетивме Ербеле пред неколку години и ги видовме урнатините на куќите на Алтана и на Стрезо. Дедо му бил прогонет од селото, гол… …Во Скопје дошол со помош на сонародници од родниот дебарски крај. Бил мајстор-ѕидар и ја изградил една од првите куќи во Дебар Маало. Иако Горан е роден во Битола, каде што татко му Мирко бил директор на театарот, имал две години кога семејството се преселило во Прилеп, каде што е роден брат му Влатко (Владимир – заб. моја). Ми се чини, Горан имал десетина години кога дошле во Скопје…“

И така, потрагата започна – не само по селото Ербеле (денес: Хербел, како што селото било именувано и во текот на османлиското владеење на Балканот), кое денес е дел од општината Маќелара во Албанија, туку и по приказната за предците, за Стрезо и Алтана и за нивната преселба – онаа приказна заради која се чини Горан размислуваше за миграцијата во просторот и времето и пред лично да ја искуси.

Пред мене го имам семејното стебло на Стефановски, исцртано и испишано од еден од чичковците на Горан – легендарниот македонски театролог и основач на Драмскиот театар во Скопје, Ристо Стефановски. И сфаќам дека приказната не започнува со Стрезо и Алтана, туку има нешто што ѝ претходи на нивната миграциска одисеја – семејното дрво упатува кон Стефан, прадедото на Горан и Влатко Стефановски.

Семејното стебло на Стефановски забележано од Ристо Стефановски

„Ние сме родени во село Ербеле, 10 километри северозападно од градот Дебар. Куќата наша се наоѓаше на местото наречено Черици, со поглед кон гумното, во маалото Паливје… …Дедо ми мој, Стефан бил гурбетчија во Стамбол и во Бугарија, каде што ги водел и своите деца Стрезо и Боге (првиот роден во 1888 година – заб. моја). А имал и две ќерки, Ана и Славка, кои со баба ми Султана чекале да се вратат гурбетчиите, секоја година. Оти иделе на есен, а оделе на пролет, кога ќе се испиело виното и ракијата и кога ќе се потрошело зајрето, и се чекало ново орање, ново сеење, ново жнеење и нови приходи од земјоделието. А печалбариве оделе на печалба во Турција и во Бугарија да донесат пари за егзистенција на фамилијата на дедо ми Стефан. Кога на дедо ми му нараснале децата Стрезо и Боге, тогаш со него ги водел на печалба и ги учел на мајсторлук – ѕидарија, камен… Дедо ми бил специјалист за ѕидање од камен и го ѕидал кејот на Дарданели со мајстори стружани коишто биле специјалисти за камен. Тие го научиле за ѕидање на каменот. Но, дедо ми, по две-три години печалбарска работа рекол: ’Деца, јас веќе не можам да одам на печалба, ќе ојте вие двојца’. Татко ми Стрезо и стрико ми Боге – едниот бил околу 18-19 години, другиот бил 16-17 години. Оделе, печалеле и наесен се враќале.“

Ова го дознавам од кажувањето на еден од чичковците на Горан – Круме, роден во 1912 година. Од разговор меѓу Горан и него снимен во 1989 година, кој денес е дел од приватната архива на нивните потомци. И сфаќам – најверојатно од овде, од овие печалбарски саги на родот Стрезовски, кој презимето Стефановски во чест и спомен на Горановиот прадедо Стефан го има по преселбата на Стрезо и Алтана во Скопје, започнува и творечката посветеност на Горан на прашањата за заминувањето во туѓина за да се обезбеди егзистенција, но и на прашањата за враќањето… Дома! Се чини преку своите драми, со дел од своите драмски ликови, некои и именувани со имиња на неговите предци, Горан ги бараше одговорите и на прашањата кои за него се и лични – поврзани со семејните приказни. Како преку своето творештво да сакал барем за себе да разреши дел од дилемите за она што е судбински врежано во неговата ДНК. Онака како што во неговата најверојатно најпозната драма „Диво месо“, според кажувањата на неговата сопруга Патриша, тој всушност ги пренесува и интерпретира искуствата на својот татко и на своите чичковци од периодот непосредно пред и во текот на Втората светска војна…

И затоа и се запрашувам колку од неговите драмски ликови, покрај тоа што некои ги имаат нивните имиња, како карактери, во себе ги содржат видувањата на Горан за неговите предци, за нивните постапки и за нивните приказни? Колку во репликите на неговите ликови има зборови кои Горан им ги припишува и на предците или зборови кои би сакал да ги сподели со нив како размисла?

М-р Иван Антоновски е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје. Минатата година, во издание на ИК „Полица“, беше објавена неговата книга „Идентитетот е приказна“ – прва книга за есеистиката на Горан Стефановски. Како што најавува Антоновски во овој текст, потрагата по корените на Стефановски продолжува.

(продолжува)

БОНУС Видео: ТВ снимка од театарската претстава „Диво месо“ од Горан Стефановски, во режија на Слободан Унковски, Драмски театар Скопје 1979

Зачлени се на нашиот е-билтен